Skip to main content

Oва е моментот кога покривот се руши: Бројот на жртви во несреќата во дискотеката во Доминиканската Република достигна 124

Најмалку 124 лица загинаа при уривањето на покривот на популарен ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република, Санто Доминго, соопштија денеска властите. Шансите за пронаоѓање преживеани се сè помали.

Цела ноќ семејства на посетителите на клубот „Џет Сет“ чекаа пред урнатините барајќи вести за своите најблиски, покажувајќи нивни фотографии на полицијата.

Повеќе од 150 лица беа извлечени живи од урнатините вчера, но од попладневните часови денеска не е пронајден ниту еден преживеан.

Шефот на центарот за вонредни состојби, Хуан Мануел Мендес, изјави дека ќе бидат потребни уште 24 до 36 часа за да се заврши потрагата.

Несреќата се случила за време на концерт на познатиот изведувач на меренге, Руби Перес, на кој присуствувале политичари, спортисти и други јавни личности. Настанот се претворил во трагедија кога покривот на зградата ненадејно се урнал.

Перес е меѓу загинатите, а неговото тело беше пронајдено утрово.

Меѓу жртвите се и познатите бејзбол играчи Октавио Дотел и Тони Енрике Бланко Кабрера, како и Нелси Круз – гувернерка на северозападната провинција Монтекристи.

Загина и синот на министерот за урбанизам и комуникации.

Поврзани вести