
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера изјави дека нема да има мир во Украина освен ако Русија и САД не се договорат, додавајќи дека постои раздор во трансатлантскиот свет меѓу прогресивната, либерална Европа и САД, кои се движат во патриотско-конзервативна насока.
-Се надевав дека релативно хармонична, заедничка економска политика меѓу Европа и САД, заснована на слични идеолошки пристапи кон трговијата, ќе трае до 2030 година. Трговската војна е приближно спротивна на она што САД го развиле со сопствена економска политика, дури и против Европа, рече тој.
Орбан оцени дека до 2030 година светот ќе изгледа многу поинаку и дека сега се соочува со големи предизвици, додавајќи дека лошите политики можат да имаат уште понегативно влијание врз Европа. Тој рече дека се надевал на „мир или барем прекин на огнот“ во првата половина од 2025 година, „откако доаѓањето на Доналд Трамп ги принуди Европа и Украина да се повлечат“.
-Тоа не се случи, Европа гарантираше финансиска поддршка за воените трошоци на Украина, заклучи тој, додавајќи дека ова не е истата ЕУ на која Унгарија ѝ се придружи во 2004 година.
Предложениот нов буџет на Европската комисија (ЕК) нема јасна стратешка основа и таков буџет би ја уништил Европската Унија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан, во разговор за унгарското државно радио, рече дека верува оти ЕК ќе мора да го повлече предлогот.
Унгарскиот премиер ги критикуваше плановите за доделување пари за Украина и планираните измени во земјоделските субвенции.
Европската комисија во средата презентираше план за буџетот на Европската Унија, кој изнесува два трилиони евра. Буџетот го опфаќа периодот од 2028 до 2034 година, а нацртот треба да биде одобрен од сите 27 земји-членки, како и од Европскиот парламент за да биде усвоен.
-Ова е буџет за денешната реалност, како и за предизвиците на утрешнината. Продолжуваме да соработуваме со Европскиот парламент, земјите-членки и претприемачите, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција.
Нацрт-буџетот предвидува пет пати повеќе средства за одбрана, што фон дер Лајен го оценува како одраз на тоа колку ЕУ е загрижена за безбедноста и сигурноста на своите граѓани и влади.
Дополнително, нацрт-буџетот предвидува средства од околу 400 милијарди евра за кризни механизми.
Таа истакна дека буџетот за прашања поврзани со миграцијата и управувањето со границите е тројно зголемен.
-Нацрт-буџетот им дава можност на земјите-членки за прв пат да инвестираат во ЕУ до вкупна инвестициска вредност до 150 милијарди евра, рече фон дер Лајен.
Според нацрт-буџетот, 35 проценти од буџетот е наменет за клима и биодиверзитет, а околу 100 милијарди евра ќе бидат издвоени за помош на Украина.
Таа изјави дека финансирањето на предложениот буџет ќе дојде од користење на нови приходи, но дека средствата на земјите-членки за блокот ќе останат „стабилни“.
Претседателката на ЕК истакна дека сите средства од ЕУ го почитуваат владеењето на правото.