Skip to main content

Неприфатливи се изјавите на Трамп дека Канада е виновна за чадот од шумските пожари, оцени премиерот на Онтарио

Премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд, ги оцени како „апсолутно неприфатливи“ критиките на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека Канада е одговорна за чадот од шумските пожари што се прошири над голем дел од САД.

Се обидуваме со сите сили да се справиме со ситуацијата. Ако вакви пожари беснееја во САД, ние без двоумење ќе бевме таму за да им помогнеме на нашите соседи – изјави Форд на прес-конференција.

Трамп во петокот директно ја обвини Канада за еколошкото загадување предизвикано од чадот од шумските пожари и најави дека „непресметливите трошоци“ за справување со здравствените и со економските последици ќе бидат додадени на веќе постојните американски царини за канадските производи.

Според податоците што ги изнесе Форд, во најнаселената канадска провинција годинава досега изгореле околу 655.000 хектари шума.

Срцето ми се кине за луѓето што ги загубија своите домови и сопствените бизниси – рече Форд, повикувајќи го Трамп итно да ги укине царините за увоз на канадско дрво. Тој оцени дека укинувањето на американските давачки за мекото дрво би придонело за поефикасно долгорочно управување со шумите и би помогнало во справувањето со сегашната вонредна состојба.

Густ чад од стотици активни шумски пожари во Канада оваа недела зафати голем дел од територијата на САД, поради што американските власти беа принудени да издадат вонредни предупредувања за екстремно влошен квалитет на воздухот.

Поврзани вести