Националното собрание на Јужна Кореја ја започна денешната седница со резолуција за нацрт-законот со кој ќе започне истрага на специјалното обвинителство против првата дама на Јужна Кореја, Ким Кеон-хи.
Според наводите, таа е осомничена за вмешаност во шема за манипулација со акции, како и за назначување на одредени функционери. Законот не беше изгласан бидејќи му требаа уште два гласа за усвојување.
Следната точка беше импичмент на претседателот, но претставниците на владејачката партија ја напуштија салата.
Предавници, вратете се внатре – им викаа опозиционерите.
Но, од 107 членови на владејачката партија, во салата се вратија само тројца политичари, што беше недоволно за изгласување недоверба.
Ова е игнорирање на волјата на народот. Ова е непочитување кон народот, непочитување кон народното собрание. Како пратеници не смеете да го правите тоа. Кореја е демократија изградена на крв и солзи. Зарем не се плашите дека историјата ќе ви суди? Луѓето? Светот? Учествувајте во гласањето, а со тоа заштитете ја демократијата – рече претседателот на Собранието, Ву Вон-шик.
Додека траеше гласањето во Парламентот, илјадници граѓани се собраа пред зградата и ги повикаа политичарите да гласаат за импичмент на претседателот. Тие изразија и незадоволство од тоа што владејачката партија не учествуваше во гласањето и најавија нови протести.
Претходно, претседателот Јун Сук-Јол во обраќање кон нацијата се извини за воведувањето на воена состојба и рече дека ќе го прифати исходот од денешната седница.
За потсетување, претседателот на Јужна Кореја на 3 декември донесе одлука за прогласување вонредна состојба, на што жестоко реагираа политичарите и граѓаните.
Армијата потоа го блокираше Парламентот, а граѓаните масовно се собраа барајќи поништување на одлуката. По голем притисок од јавноста и политичарите, јужнокорејскиот претседател одлучи да ја укине вонредната состојба.