Skip to main content

Меѓународен револт: Германска аукциска куќа нуди предмети од жртви на Холокаустот

Аукциската куќа „Фелцман“ од западна Германија се најде во епицентарот на жестоки критики откако најави продажба на предмети кои им припаѓале на жртви на Холокаустот. Аукцијата, планирана за понеделник во Нојс, близу Дизелдорф, предизвика негодување ширум светот.

Меѓународниот комитет за Аушвиц (IAC), формиран од преживеани од логорот на смртта, упати остар апел до аукциската куќа да ја стопира продажбата на стотици артефакти – меѓу кои писма на затвореници, лични документи и материјали што ги идентификуваат десетици жртви.

Од Комитетот ја опишаа аукцијата како „цинична и бесрамна продажба на Системот на терор“. Потпретседателот на IAC, Кристоф Хојбнер, предупреди дека историјата на жртвите се злоупотребува за профит.

„За жртвите на нацистичкиот прогон и преживеаните од Холокаустот, ова е навредлив и понижувачки чин. Нивната историја и страдањето на сите кои биле прогонувани и убиени се експлоатираат за комерцијална добивка,“ изјави тој.

Хојбнер додаде дека многу од документите содржат препознатливи имиња и дека артефактите треба да им бидат вратени на семејствата на жртвите или изложени во музеи и меморијални центри, наместо да завршат како предмети за наддавање.

„Ги повикуваме одговорните во аукциската куќа ‘Фелцман’ да покажат елементарна човечка пристојност и да ја откажат аукцијата,“ истакна Хојбнер.

Огласот за спорната аукција, кој до претпладнето беше достапен на веб-страницата на „Фелцман“, попладнево беше тргнат без образложение.

Поврзани вести