
Поттикнати од чувството на итност во геоекономскиот контекст и врз основа на важните иницијативи на Европската комисија, лидерите на ЕУ одлучија да преземат акција за покривање на нашиот јаз во иновациите и во продуктивноста и за намалување на бирократијата, нагласи денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата посветена од заклучоците на Самитот на Унијата одржан на 20 март.
Во време кога грижите на луѓето се фокусираат на нивната економска ситуација, на платите, на квалитетните работни места, на двојната транзиција, лидерите не ја губат од вид итноста да дадат одговори на овие грижи. Напротив. Нашиот состанок имаше силен фокус на конкурентноста и на заедничкиот просперитет. За тоа како да се изгради поотпорна и одржлива иднина за европските граѓани, рече Кошта.
Тој потенцира дека за таа цел лидерите на ЕУ се фокусирани на намалување на непотребната бирократија, на обезбедување подостапна енергија за граѓаните и компаниите и за претворање на заштедите во продуктивни инвестиции.
Да се стане поконкурентен на сите фронтови не е само вистинскиот пат, тоа е и единствениот пат за посилна Унија. Затоа што да се биде конкурентен значи создавање поголема економска издржливост, поквалитетни работни места и подобри плати за нашите граѓани. Но, на конкурентноста и треба силна инвестиција во образованието, истражувањето, иновациите и вештините, додаде претседателот на Европскиот совет.
Кошта нагласи дека вредностите и социјалната кохезија се во сржта на европскиот проект на мир и просперитет, на кој му треба економска сила и одбранбен кредибилитет преку инвестиции во одбраната и безбедноста за поттикнување на технолошкиот напредок и преку попросперитетна економија која ќе обезбеди ресурси за одбрана на Европа.
Сега треба да продолжиме да се движиме со чувство на итност за да ја завршиме оваа работа и, доколку е потребно, да донесеме дополнителни одлуки за да обезбедиме праведен и траен мир во Украина и да обезбедиме праведен и траен мир во Европа во целина, истакна Кошта.
За таа цел, според него, лидерите на ЕУ се согласиле на зајакнување на мрежата на партнери на ЕУ, за продлабочување на врски со истомислениците и за проширувања на стратешките партнерства насочени глобална стабилност.
Кога довербата во мултилатералните институции е под притисок и непредвидливоста станува реалност, Европската Унија е сигурен, предвидлив и доверлив партнер, кој, без разлика на се, стои зад Обединетите нации и Повелбата на ОН, потенцира претседателот на Европскиот совет.
Кошта порача дека ЕУ не може сама да се справи со климатските промени, да ја намали глобалната нерамноправноста и да ги заштити океаните и биолошката разновидност, па затоа на „мултиполарниот свет му треба силен мултилатерален систем и поредок заснован на меѓународни правила“, водени од чувство за мир, просперитет и партнерства.
Во Европскиот совет е многу јасно чувството на итност за одбраната и за конкурентноста, итност за намалување на бирократијата, итност за промовирање на Унијата за штедење и инвестиции и итност за одобрување на глобалната рамка за инвестирање повеќе, подобро, побрзо и заедно во нашата сопствена одбрана, заклучи Кошта во обраќањето пред европратениците.