
Во овој мултиполарен свет, проширена Европска Унија значи посилна, побезбедна и помирна Европа и дома и во странство, па затоа следното проширување кон Украина, кон Молдавија и кон Западниот Балкан е клучно за зајакнување на нашата Унија како геополитички играч, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на свеченоста во Никозија па повод стартот на кипарското претседавање со Советот на ЕУ во првите шест месеци од 2026 година.
– За да го направиме проширувањето реалност, мора да дејствуваме на два фронта истовремено. Прво, треба да продолжиме со реформите во земјите кандидатки. Второ, Европската Унија мора да се подготви да прифати нови членови, рече Кошта.
Според него, во контекст на тековните мировни преговори во Украина, напредокот во проширувањето е особено итен во следните месеци, со цел да се одрази импресивното темпо на реформите од страна на Киев.
– Но, 2026 година е важна и за пристапувањето на Молдавија и партнерите од Западниот Балкан. Црна Гора, на пример, во следните 12 месеци може ги заврши пристапни преговори и се надеваме дека изготвувањето на нивниот договор за пристапување може да започне многу наскоро за време на вашето претседателство, истакна Кошта.
Тој додаде дека нема сомнеж оти Кипар ќе продолжи да работи на изградба на побезбедна, попросперитетна, поангажирана и пообединета Европа и со својата „сопствена историја на окупација и поделба“, ќе даде конкретно разбирање на клучната вредност на меѓународното право за мир и стабилност меѓу народите.
– Европа не е само географска референца, таа е заедница на вредности. Нашата колективна сила се заснова на просперитетна економија и зголемени инвестиции во одбраната – да, но, пред сè, зависи од доследноста со која ги браниме овие вредности. Затоа Европската Унија не може да прифати кршење на меѓународното право – без разлика дали е во Кипар, Латинска Америка, Гренланд, Украина или Газа, рече Кошта.
Во тој контекст, Кошта нагласи дека Гренланд му припаѓа на неговиот народ и ништо не може да се одлучува за Данска и за Гренланд, без нив.
– Тие имаат целосна цврста поддршка и солидарност од Европската Унија. Европа ќе остане цврст и непоколеблив поборник на меѓународното право и мултилатерализмот, рече Кошта.
Тој се осврна и на состанокот на Коалицијата на подготвените во Париз во вторникот, посочувајќи дека на него бил постигнат договор за давање безбедносни гаранции што ѝ се потребни на Украина за да се спречи понатамошна агресија, откако претходно минатито месец ЕУ обезбеди средства за финансиска поддршка на Киев за следните две години.
– Кипарското претседателство на Кипар, ќе има клучна улога за продолжување на поддршката на обновата на Украина и за решително напредување по патот кон европска интеграција. Ова ќе биде најдобрата инвестиција што Европската Унија може да ја направи за да обезбеди долгорочен мир, стабилност и просперитет во Европа, рече Кошта.
Тој се осврна и на заложбите за зголемување на европската одбрана, за зајакнување на нејзината економска конкурентност, за обезбедување социјална и територијална кохезија, за зацврстување на трговските партнерства, како и за позначајна улога на ЕУ во мировните напори на Блискиот Исток.
– Посветеноста на Кипар на европскиот курс, заедно со длабокото разбирање на предизвиците со кои се соочуваме, ќе му овозможи да ја исполни оваа улога со успех и ефикасност. Заедно, ќе обезбедиме нашата Унија да остане обединета, дејствувајќи решително во корист на сите наши граѓани, заклучи Кошта во обраќањето.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, истакна Кипар ќе игра уште поголема улога во ЕУ во наредните години, што е јасно видливо во централниот приоритет на Кипарското претседателство – изградбата на побезбедна и понезависна Европа.
– Таа одговорност започнува во Украина. Бидејќи безбедноста на Украина е безбедноста на Европа. Заедно, ќе работиме на обезбедување праведен и траен мир, рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека овој настан се одржува во земја којашто чека да се исполни ветувањето за повторно обединување, што го прави Кипар едно од малкуте места во Европската Унија кои знаат што значи да се живее со последиците од поделбата, а во исто време да не се прифати таа поделба да ја дефинира иднината.
– Затоа е толку соодветно што Кипар го презема претседателството со ЕУ во овој момент. Самата Европска Унија е родена од конфликт. Нашата Унија не е совршена, но е ветување: дека соработката е посилна од конфронтацијата, дека законот е посилен од силата. Принципи што важат не само за нашата Европска Унија, туку и за Гренланд. Кипар во своето претседателство носи уникатен морален авторитет. Како земја на раскрсницата на континенти, култури и кризи, Кипар ја разбира стратешката важност на мирот и стабилноста во нашето соседство, итноста на безбедноста во неизвесен свет и трајната вредност на меѓународното право, рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека сеопфатното, фер и трајно решение за Кипар останува апсолутен приоритет на Европската Унија, па затоа го назначила поранешниот еврокомесар Јоханес Хан за претставник на ЕУ за Кипар.
– Ќе направиме сè што можеме за да обезбедиме успех на процесот предводен од ОН, така што 2026 година може да донесе обновен импулс кон повторно обединет Кипар, додаде Фон дер Лајен.
На свеченоста се обратија и кипарскиот претседателот Никос Христодулидес и заменичката министерка за европски прашања на Кипар, Марилена Рауна, кои говореа за приоритетите во претседавањето на нивната земја, а беше одржана и културно-уметничка програма во режија на Костас Силвестрос.
Ова е второ Кипарско претседавање со Советот на ЕУ, по она во втората половина на 2012 година, и овој пат тоа ќе биде под мотото „Автономна Унија. Отворена кон светот“.
Приоритети на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ, што ќе трае до 30 јуни годинава, ќе бидат поддршката на Украина, зајакнувањето на европската одбранбената подготвеност заедно со континуиран ангажман со САД, подобрување на односите со Велика Британија, развивањето нови трговски односи со трети земји и зајакнување на врските со „јужното соседство“.

Македонски





