Skip to main content

Каде во Европа има најмногу смртоносни сообраќајки?

Во ЕУ имало 20.380 загинати во сообраќајни несреќи во 2023, што е пад од 1.3% во споредба со 2022, се вели во статистичкиот извештај на Евростат.

Бројкава се намалила за 16% од 2013 до 2023. И покрај тоа, работите стојат многу различно во различни држави.

Во девет од земјите членки на ЕУ – Бугарија, Романија, Летонија, Хрватска, Грција, Португалија, Литванија, Италија и Полска – имало 50 или повеќе смртни случаи на милион жители.

На спротивниот крај од скалава, Шведска, Данска, Малта и Финска забележале најмал број загинати, со 22, 27, 30 и 33 смртни случаи на милион жители, соодветно.

Три од четирите земји што не се членки на ЕУ за коишто Евростат објави статистички податоци, Норвешка, Исланд и Швајцарија, пријавиле релативно ниски стапки од по 20, 21 и 27 загинати на милион жители. 

Иако самите податоци за сообраќајните несреќи во 2023 ѝ беа достапни на Европската комисија во март преку нејзината заедничка датабаза за смртоносни сообраќајки, објавениот извештај на Евростат е официјалното статистичко толкување на податоците.

Прелиминарната статистика за 2024 покажува дека бројот на смртни случаи во сообраќајот продолжува да се намалува во ЕУ, иако бавно, опаѓајќи за 3%.

Кои се најризичните групи?

Статистиката на Евростат покажува големи разлики меѓу возачите во однос на нивниот пол, исто така. Мажите биле одговорни за речиси три четвртини од смртните случаи во ЕУ во периодот меѓу 2013 и 2023.

Истражувањата покажуваат дека мажите се посклони кон возење во алкохолизирана состојба; поретко носат сигурносни појаси; ја пречекоруваат дозволената брзина; а и телефоните повеќе им го одвлекуваат вниманието кога се зад воланот.

Пиењето алкохол е значаен фактор за сообраќајните жртви. Во Шпанија, на пример, е причинител на 26% од смртоносните сообраќајќи.

Момчињата ги охрабруваат да преземаат ризици уште од рана возраст. Од друга страна, пак, девојчињата ги воспитуваат да бидат попретпазливи и да ги следат правилата“, вели Ширли Деланој од белгискиот сообраќаен институт Виас во интервју со новинската агенција Белга во февруари.

Деланој верува дека овие родови норми се одразуваат и на возачките навики, па жените се подефанзивни и превентивни, а мажите возат поагресивно и преземаат поголеми ризици.

Според Павел Хавранек од чешкиот Центар за сообраќајни истражувања, во Чешка се намалил бројот на смртоносни сообраќајќи предизвикани од престигнување други возила. Исто така опаднал бројот жртви меѓу децата, младите возачи, пешаците, како и на бројот несреќи предизвикани од алкохол.

Од друга страна, пак, нѐ загрижува превисоката бројка загинати велосипедисти, постари лица и мотоциклисти. Мора да се сконцентрираме на овие ризични групи и области за да постигнеме напредок во иднина“ додава тој.

Бугарија потресена од смртта на 12-годишно девојче

Високите бројки на загинати во сообраќајки во некои земји членки на ЕУ доведоа до општа разгневеност.

Безбедноста во сообраќајот се најде под лупата на јавноста во Бугарија по трагичната смрт на едно 12-годишно девојче во сообраќајка на државен пат во северниот дел на земјата кон крајот на март.

Илјадници демонстранти во низа градови и гратчиња бараа да ѝ се стави крај на „војната“ на патиштата, апелирајќи да се донесат построги закони и казни за сообраќајните прекршители.

Во едно интервју со агенцијата Франс прес во октомври 2024, Красимир Арсов, чијшто 14-годишен син Филип загинал во сообраќајка, вели дека за големиот број погинати во сообраќајот е виновно опасното возење, лошото одржување на патиштата и неефикасното судство.

Во септември 2023 во Софија, Филип го прегазил пијан возач што возел со брзина од 88 километри на час, трипати повисока од дозволената.

Пред несреќата, мислев дека живееме во нормална земја. Но, кога разговарав со семејствата на други жртви, сфатив дека државата не ги заштитува животите на своите граѓани“ вели Арсов, кој е 60-годишен инженер.

Сѐ од смртоносната сообраќајка па наваму, родителите на Филип настојуваат да ја подигнат јавната свест за проблемот и да поттикнат промени.

Нема ништо што ќе го поправи тоа што ни се случи нам“, вели мајка му, Николина Петкова.

Но, таа остро го критикува „чувството на неказнивост“ меѓу прекршителите, општото непочитување на законите и неспособноста да се казнат прекршителите.

Човекот што ни го усмрти синот бил осуден за возење во пијана состојба 18 години претходно, но само си платил казна и така се извлекол и го повторил прекршокот“, вели таа.

Како реакција на ваквиот недоволен учинок на земјата, бугарските власти најавија планови да ја подобрат безбедноста на 36 критични патни делници, со цел да се намали бројот на погинати и повредени за 20%.

Агенцијата за патна инфраструктура исто така објави детална мапа со обележани точки каде што често се случуваат несреќи и воведе акциски план да ги направи тие места побезбедни. Мапата ќе се ажурира еднаш неделно.

И други земји членки на ЕУ воведуваат построги правила

Во Италија беа донесени нови закони во ноември 2024 со кои се покачуваат казните и се олеснува одземањето на возачките дозволи на тие што возат со мобилен телефон во рака или под дејство на алкохол или дрога.

Шведска ја има најниската стапка на смртоносни сообраќајки во ЕУ, па сепак внимателно ги следи сите евентуални промени на полошо. 

Една претстојна промена е добар пример за ова. Државата има посебен систем во којшто 15-годишниците смеат да возат трактор, со максимална брзина од 30 километри на час, без возачка дозвола.

Долги години ваквите трактори претежно се користеа во руралните места, каде што нема многу сообраќај ниту јавен превоз. Меѓутоа, одредени технички правила ја олеснија употребата на „трактори“ што личат на обични автомобили, преку намалување на брзината што може да ја развијат на 30 километри на час. Ова доведе до нагло зголемување на нивната популарност и пораст на бројот на тешки сообраќајки.

Новите правила, како дел од преправките на европската директива за возачки дозволи, ќе ја сменат состојбава. Петнаесетгодишниците уште ќе можат да си ги возат специјалните возила, но ќе мора да добијат возачка дозвола преку полагање задолжителен практичен и теоретски испит. Во исто време, на „тракторите“ ќе им биде дозволена максимална брзина од 45 км/ч.

И образованието игра улога во ограничувањето на бројот на смртоносни сообраќајки, според Роберт Штаба, претседател на Европската федерација за помош на жртвите во сообраќајот. Тој е вклучен во проектот „Визија нула“ на Словенија, која е на пат да си ја постигне целта од 50% помал број на загинати во сообраќајки до 2030.

ЕУ сака да го намали бројот жртви во сообраќајот

Построги правила ќе се воведат и на ниво на цела ЕУ. Блокот има долгорочна цел од речиси нула смртоносни сообраќајки до 2050.

За да се постигне ова, во четвртокот Европската комисија предложи комплетен ремонт на легислативата на ЕУ за безбедност во сообраќајот и регистрации на возила.

ЕУ е цврсто посветена на намалувањето на бројот на загинатите и тешкоповредените во сообраќајот за 50% до 2030“, рече Еврокомесарот за транспорт Апостолос Ѕиѕикостас.

Предлогот предвидува повремени технички проверки на електричните возила, со оглед на нивниот сѐ поголем број на европските патишта, како и напредните технологии.

Возилата што многу загадуваат, вклучително и тие со лажирани податоци за нивната емисија на штетни гасови, ќе се разоткриваат преку нови методи за тестирање емисии.

Движењето преку европските граници ќе се поедностави преку размена на електронски регистрации на возила и потврди за повремени тестови преку заедничка платформа. Километражите на возилата ќе се чуваат во државни датабази и ќе се споделуваат и преку границите.

Автомобилите и комбињата постари од 10 години ќе се носат на технички преглед еднаш годишно.

Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ допрва треба да ги одобрат новиве правила за тие да стапат на сила.

Начелно, ЕУ во март се согласи околу забраните на возење што би важеле во сите 27 земји членки.

Според новите правила, ако на некој возач му е изречена забрана или ограничување поради сериозна сообраќајна несреќа во која било земја членка, забраната или ограничувањето ќе важи и во земјата во која на возачот му била издадена возачката дозвола.

Поврзани вести