
Палестинското движење Хамас најави дека е подготвено да премине во втората фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа.
Тие информираат дека се подготвени да спроведат сеопфатна размена на заложници и затвореници со цел да се постигне траен прекин на огнот и да се финализира повлекувањето на израелските сили.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, кој стапи во сила на 19 јануари, содржи три фази.
Првата фаза од прекинот на огнот, од трите планирани, вклучува прекин на непријателствата, ослободување на некои затвореници, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа, заедно со приливот на хуманитарна помош.
Втората фаза предвидува прекин на огнот за 42 дена. Хамас треба да ги ослободи сите преостанати затвореници што ги држи од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, додека Израел треба да ослободи и претходно договорен број палестински затвореници и притвореници.
Во третата фаза Хамас ќе ги врати телата на загинатите заложници од Газа во Израел, Израел ќе ослободи уште затвореници, а треба да започне и петгодишен план за реконструкција.
Според планот, Хамас вети дека нема да го обновува својот воен арсенал.