
Министрите за вработување на земјите членки на Европската Унија денеска постигнаа договор за ставот на Советот на ЕУ околу измените на Директивата за канцерогени, мутагени и репротоксични супстанции (ЦМРД), со кои работниците треба да се заштитат на нивните работни места од изложеност на штетни материи, што можат да доведат до сериозни заболувања, како што е канцерот, или да предизвикаат други здравствени нарушувања.
Никој не треба да се разболи поради тоа што оди на работа. Со измени на правилата што ја регулираат изложеноста на опасни хемикалии на работното место, ги намалуваме здравствените ризици и ја поддржуваме благосостојбата и пристојните услови за работа за работниците низ цела ЕУ, изјави данскиот министер за вработување Каре Дибвад Бек, по договорот за шеста измена на Директивата од нејзиното усвојување во 2004 година.
Со измените се очекува во следните 40 години да се спречи појава на околу 1.700 случаи на рак на белите дробови и на 19.000 други болести.
Со предлогот се поставува граници за изложеност за кобалт и неговите неоргански соединенија, на полициклични ароматични јаглеводороди и 1,4-диоксан, како и на испарувањата при заварување. Исто така, во Директивата се менуваат и дефинициите на термините „канцероген“, „мутаген“ и „репротоксична супстанција“, со цел „да се направи јасна разлика помеѓу „канцерогените, мутагените или репротоксичните ефекти на супстанциите, смесите или процесите“.
Сега останува својот став околу измените да го утврди и Европскиот парламент, по што ќе започнат преговорите мешу институциите на ЕУ за усогласување на конечниот текст на предлогот за ажурирање на Директивата, што го поднесе Европската комисија во јули годинава.

Македонски






