
Две лица се убиени, а шестмина се ранети во пукање што се случи синоќа пред црквата „Исус Христос на светците од последните денови“ во Солт Лејк Сити, каде во тој момент се одржувала комеморација. Од повредените, тројца се во критична состојба, потврди локалната полиција, пренесува „Солт Лејк Трибјун“.
Состојбата на останатите тројца повредени засега не е официјално соопштена, бидејќи тие биле пренесени во болница со приватни возила, изјави портпаролот на полицијата Глен Милс. Сите жртви се возрасни лица. Пукањето се случило околу 19:30 часот пред црковниот објект на улицата „Редвуд Роуд“.
Началникот на полицијата на Солт Лејк Сити, Брајан Ред, изјави дека напаѓачот или напаѓачите побегнале од местото на настанот и дека до доцна вечерта немало уапсени. Тој нагласи дека сите осум жртви биле застрелани пред црквата и дека полицијата не смета оти станува збор за случаен напад, но ниту дека нападот бил насочен конкретно против верската заедница.
Истражителите ги прегледуваат снимките од надзорните камери од околните објекти, како и податоците од читачите на регистарски таблички. Неколку лица биле приведени на информативен разговор, но ниту едно од нив засега нема статус на осомничен.
„Ги следиме сите дојави и траги. Нашите службеници ќе продолжат да работат сè додека одговорните лица не бидат изведени пред правдата“, изјави Ред.
Улицата „Редвуд Роуд“ била затворена за сообраќај до доцна во ноќта, а граѓаните биле повикани да го избегнуваат подрачјето.
Црквата пред која се случи пукањето најчесто ја посетуваат верници со потекло од Тонга. Во сојузната држава Јута живее значајна заедница на пацифички островјани, која според пописот од 2020 година брои околу 60.000 луѓе, од кои 39 проценти се Тонганци. Во округот Солт Лејк тие сочинуваат околу 2,4 проценти од населението.
Градоначалничката на Солт Лејк Сити, Ерин Менденхол, остро го осуди нападот. „Ова никогаш не смеело да се случи“, изјави таа на прес-конференција.
Со соопштение се огласи и Црквата на Исус Христос на светците од последните денови, наведувајќи дека е запознаена со сериозниот инцидент, целосно соработува со полицијата и изразува благодарност до итните служби за брзата реакција.
„Се молиме за сите погодени од оваа трагедија и изразуваме длабока загриженост што било кој простор наменет за богослужба бил изложен на насилство од каков било вид“, се наведува во соопштението.

Македонски




