
По неколкуте 24-часовни генерални штрајкови и серијата секторски протести поради незадоволство од владините социо-економски реформи, белгиската Влада реши да „олабави“ некои од мерките, при што меѓу останатото го одложи зголемувањето на некои стапки на ДДВ и реши да ја намали акцизата на енергетските тарифи за социјално загрозените категории граѓани.
Владата предвидуваше од 1 јануари да ја зголеми стапката на ДДВ за храна по нарачка, спорт, рекреација и хотелско сместување од шест на 12 проценти, на што жестоко се противеа засегнатите сектори.
Противењето на хотелскиот сектор на зголемувањето на ДДВ-то го поддржа и потпретседателката на фламанската регионална Влада и министерка за домување, енергија, клима, туризам и млади и пратеничка во Федералниот парламент на Белгија, Мелиса Депратере, чија партија Напред (Вураут) е дел и од белгискиот владин Кабинет.
Под ваквиот притисок, белгиската Влада реши зголемувањето на оваа стапка на ДДВ да го одложи до 1 март, со можност и за дополнително одлагање.
Паралелно со ова до 1 март е одложено и намалувањето на стапката на ДДВ за безалкохолни пијалаци што се служат во кафулињата и рестораните од 21 на 12 проценти.
Владините реформи предвидуваат и зголемувањето на акцизата за гас, но и намалувањето на акцизата за електрична енергија, мерки кои се очекува да стапат во сила откако Парламентот ќе го усвои предложениот законот, што веројатно ќе се случи во текот на следната пролет.
Пресметките велат дека со овие мерки сметките на граѓаните за гас ќе се зголемат во просек за 75 евра годишно, а за електрична енергија ќе се намалат за 34 евра.
За да го ублажи овој удар, Владата реши да ги намали акцизите за оние категории граѓани кои имаат право на социјална тарифа.

Станува збор за околу 500.000 домаќинства кои имаат минимален приход или живеат во социјални станови, поради што имаат право на користење поповолна енергетска стапка. Овие домаќинства ќе добијат помала акциза за гас, а кога станува збор за акцизата за струја покрај понискиот износ што ќе важи сите, тие ќе добијат и дополнително намалување.
Измени се предвидени и во однос на прописите за ноќна работа, за што дебатата започна уште во јули.
Во Белгија во основа постои општа забрана за ноќна работа, но постои долг список на сектори и занимања за кои важи исклучок од ова правило. Како ноќна работа се дефинира секој работен ангажман помеѓу 20:00 и 6:00 часот, за што се исплаќа дополнителен надомест на платата или ноќен бонус.
Владата сега предлага укинување на забраната за ноќна работа во сите сектори, со тоа што за некои клучни сектори, како што се дистрибуцијата, е-трговијата или металопреработувачкиот и електроенергетскиот сектор, за ноќен труд ќе се смета само работата помеѓу 23:00 и 06:00 часот.
Оваа измена ќе важи само за нововработените, додека за оние кои и сега вршат ноќна работа ќе важат старите правила за времетраењето на ноќниот труд и бенефициите што произлегуваат од тоа.
Дополнително Владата размислува и за измена на одлуката со која бруто платите повисоки од 4.000 евра месечно и месечните бруто пензии или надоместоци од над 2.000 евра не би биле опфатени со индексацијата.
Станува збор за постапка со која платите и пензиите секоја година се зголемуваат за индексот на раст на трошоците за живот и инфлацијата.
Сепак, и покрај незадоволството од владините мерки, анкетите на јавното мислење покажуваат дека најголемата партија во владината коалиција, десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на премиерот Барт де Вевер и натаму е најпопуларна во земјата.
Така, според заедничката анкета на весникот „Хет Лацте Њуз“ и телевизијата „ВТМ Њуз“, Н-ВА ужива поддршка на 25,6 отсто од фламанските испитаници, колку што освои и на изборите во јуни минатата година.

На второ место меѓу фламанските партии е опозициската екстремно десничарска Фламански интерес (ВБ) со 23,9 проценти или за над два процентни поени повеќе во однос на ланските избори, пред владејачката десноцентристичка Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) со 13,9 отсто или еден процентен поен повеќе споредено со изборните резултати.
Владејачката социјалдемократската партија Напред (Вураут) ужива поддршка на 11,4 проценти од фламанските гласачи, што претставува намалување за 1,6 процентни поени во однос на ланските избори, додека за опозициската екстремно левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА) би гласале 10,2 отсто или два процентни поени повеќе отколку лани.
Двете опозициски партии, Отворени Фламански либерални демократи (Опен ВЛД) и Зелените, имаат поддршка на по околу седум проценти, што претставува пад во однос на изборите и тоа од 1,6 процентни поени за либералите и половина процентен поен за зелените.
Кога станува збор за валонските гласачи, во водство е опозициската левоцентристичка Социјалистичка партија (ПС) со 29 отсто или седум процентни поени повеќе отколку на изборите во јуни 2024.
Ланскиот изборен победник, владејачкото либерално Реформско движење (МР) ужива поддршка на 21,4 проценти од испитаниците, што претставува пад од 6,8 процентни поени споредено со резултатите на изборите.
На трето место е опозициската екстремно левичарска Работничка партија на Белгија (ПТБ) со 19,6 отсто или раст на популарноста од осум процентни поени, пред владејачката центристичка партија Посветените (ЛЕ) со 17,3 проценти поддршка или 2,7 процентни поени помалку од изборниот резултат.
На петтото место е зелената партија Еколо со 7,4 отсто или 1,5 процентни поени повеќе отколку на ланските избори.
Ваквите анкетни резултати покажуваат дека фламанските владејачки партии ја задржале поддршката на стабилно ниво, но валонскиот дел од владината коалиција бележи значителен пад на популарноста, што би можело да му предизвика дополнителни проблеми на премиерот Де Вевер во идната работа на Владата, доколку тие почнат да испорачуваат позначителни барања насочени кон подобрување на нивниот рејтинг.

Македонски






