Skip to main content

Баварската Христијанско-социјална унија повикува на поостра политика кон мигрантите 

Конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ), која е доминантна политичка сила во германската покраина Баварија, предлага правото на престој на мигрантите да биде врзано со доказ дека имаат доволни приходи, јави ДПА. 

Покрај тоа, ЦСУ повикува на депортација на мигрантите кои повеќе пати извршиле прекршоци и злосторства. 

Овие предлози се изнесени во документот подготвен за средба на пратениците на ЦСУ во Бундестагот следната недела. 

ЦСУ и нејзината сестринска партија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) го формираат најголемиот опозициски блок во Долниот дом на германскиот Парламент (Бундестаг) и се фаворити за освојување на првото место на предвремените парламентарни избори во Германија на 23 февруари. 

Иако многу од предлозите на ЦСУ кореспондираат со заедничката изборна програма на ЦДУ и ЦСУ, ЦСУ зазема видно поцврст став за некои прашања. 

Документот на ЦСУ, до кој ДПА доби пристап, наведува  дека луѓето кои бараат дозвола за престој мора да можат да се издржуваат преку вработување и да не се потпираат на социјална помош. 

Во документот се нагласува дека криминалците и оние кои се сметаат за безбедносна закана треба да бидат депортирани. 

„Секој што ќе изврши кривично дело или постојано го прекршува законот мора да ја напушти нашата земја“, се додава во документот.  

ЦСУ повикува и на построга контрола на границите.

Поврзани вести