Во Скопје утринава повторно во воздухот има високи концентрации на опасни честички. Главниот македонски град утрово пак е меѓу најзагадените градови во светот, покажуваат податоците на сајтот за мерење на квалитетот на воздухот „IQ Air“.
Според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју-ер“ Скопје e петти најзагаден град во светот со индекс 171. Во моментов, според платформата воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.
Највисоко ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, како што може да се види на платформата, е регистирана во Центар, Лисиче, Ректорат, Гази Баба и Кисела Вода.
Инаку, пред Скопје на непопуларната листа се градот Калкута во Индија, кој е на првото место, а по него следуваат Лахор во Пакистан, Дака во Бангладеш и Делхи во Индија.
Густата магла и високиот процент на PM2.5 честички се проблем особено за хронично болните лица, децата и постарите.
Утринава воздухот е загаден и во други градови – Струмица, Гостивар, Тетово и Кочани.
Препораките на здравствените работници во вакви околности е да се избегнува подолг престој на отворен простор, повеќе да се поминува време во затворени простории особено онаму каде што има прочистувачи на воздух.