Skip to main content

Со отворање на Божиќниот маркет вечерва во Скопје почнува новогодишната програма исполнета со македонски изведувачи

МИА

Со свечено осветлување на новогодишната елка и отворање на Божиќниот маркет вечерва во 18 часот на плоштадот Македонија, официјално почнува празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.

Како што истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, целта е главниот град да се позиционира како современа европска метропола со континуирана и разновидна празнична содржина за сите генерации.

Денеска во 18:00 часот, во срцето на градот на плоштадот Македонија, свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен Божиќниот маркет, со што симболично го означуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град. Со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, создавајќи настани кои носат позитивна енергија, заедништво и радост за сите наши генерации, рече Георгиевски.

Тој нагласи дека во периодот од 15 до 31 декември, секојдневно од 18 часот, граѓаните ќе можат да уживаат во богата програма со музички настапи, диџеј сетови и уметнички изведби, при што посебен акцент е ставен на децата и семејствата.

Посебен акцент ставаме на децата и семејствата во Скопје. За првпат Скопје нуди континуирана и разновидна празнична програма за сите наши сограѓани. Секој викенд, од 12:00 до 14:00 часот, содржините се целосно посветени на нашите најмлади, со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања. Во вечерните часови програмата е наменета за младите и возрасните, создавајќи топла и жива празнична атмосфера, рече Георгиевски.

Градоначланикот додаде дека централниот дел од програмата почнува на 27 декември, во соработка со Државната лотарија на Македонија, со настапи, празнични забави и награди, а во програмата, како што рече, ќе учествуваат и средношколски бендови од сите средни училишта во Скопје, нагласувајќи дека негова желба оваа година е сите настапи да бидат од македонски изведувачи.

Имам само една желба оваа година, тоа е сите настапи да бидат од наши македонски изведувачи, затоа што нашите изведувачи не само што се познати дома, во Република Македонија, туку се познати и надвор од нашите граници. Најдобро е кога се тука за Нова година и кога заеднички ја прославуваме Новата година сите на плоштадот, рече Георгиевски.

Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со настапи на македонските музички изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона и други. За најмладите, од 27 до 30 декември се предвидени детски програми, театарски претстави, маскоти и поделба на новогодишни пакетчиња, а на 27 декември во 12 часот Дедо Мраз ќе ги пречека децата на плоштадот.

На новинарско прашање поврзано со тоа колкав ќе биде трошокот на Град Скопје, Георгиевски рече дека единствениот трошок за градот е украсувањето, кое, нагласи, изнесува помалку од 70.000 евра. Прашан дали ќе има албански изведувачи, тој рече „музиката не познава вера и нација“ и повика на обединување, нагласувајќи дека програмата е наменета за сите скопјани.

Ова ќе биде голем настан, со многу големи ѕвезди кои со години наназад не сме ги имале на исто место. Јас ќе бидам тука вечерта, со сите вас, и верувам дека нашиот народ во Скопје ќе се обедини конечно после долги години. Музиката не познава вера, ниту нација. Плоштадот Македонија ќе биде исполнет со детски џагор, со детски насмевки, со весели луѓе, весели скопјани без разлика на вера и нација, кои заеднички со нас ќе го дочекаат празникот, рече Георгиевски.

Претставничката на Државна лотарија на Македонија, Христина Димитријевска, изјави дека компанијата со задоволство го поддржува настанот како дел од својата корпоративна општествена одговорност и дека Државна лотарија изминатиот период го има подигнато концептот на корпоративна општествена одговорност, со поддршка на спортот, младите, животната средина, образованието, училиштата, културата и уметноста.

Партнерството со Град Скопје за организирање на овие новогодишни денови и вечери на плоштадот Македонија за нас претставува чест и задоволство што можеме да помогнеме во таа активност заради задоволување на потребите на новогодишната забава, развојот на уметноста и поттикнување на домашната култура, рече Димитријевска.

Поврзани вести