Skip to main content

Oд напролет повторно ќе работи комплексот „Македонско село“ кој скапуваше последните шест години

Комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези, кој веќе шест години е затворен, напролет повторно ќе ги отвори вратите за посетителите, најави Владата од каде велат дека до крајот на месецов ќе објави оглас за изнајмување на објектот, кој ќе биде даден под закуп на приватна фирма.

Новиот закупец ќе има задача да отвори угостителски објекти и да обезбеди туристички услуги, вклучувајќи и ноќевање во куќите кои ги симболизираат различните региони на Македонија. Комплексот ќе биде издаден под наем на период од најмалку 10 години, со цел на закупецот да му се овозможи исплатливо вложување во обновата.

Фотогалерија од отворањето на комплексот:

Комплексот, кој беше официјално пуштен во употреба во 2016 година, остана без активност откако претходниот концесионер, фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“, се повлекоа во 2018 година поради, како што наведоа, финансиски загуби.

Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиот период не успеа да го оживее комплексот, иако најавуваше проекти како старт-ап село, кои никогаш не се реализираа.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, истакнува дека комплексот е затекнат во многу лоша состојба.

Се соочивме со искршени клупи, оштетени кровови и фасади, и нефункционални електрични возила. За среќа, внатрешноста на куќите е во подобра состојба. Во моментов се врши проценка на објектот, по што ќе го објавиме огласот за избор на закупец, изјави Томовски.

Тој додава дека комплексот е направен и мора да се грижиме за него, без разлика дали тој е исплатив или не, не смее да скапува.

Очекуваме до 1 мај комплексот повторно да биде отворен. За санација на објектите ќе бидат потребни најмалку 200.000 евра, додаде Томовски.

И покрај тоа што комплексот не работи веќе шест години, СОЗР редовно ги подмирува трошоците за осигурување и за обезбедување. Сепак, финансиската загуба од 350.000 евра, заедно со дополнителните трошоци за обновување, е значајна штета.

Изградбата на „Македонско село“ започна во 2011 година, а беше замислено како туристичка атракција која ги прикажува традициите и занаетите на различните македонски региони.

Комплексот вклучува 12 автентични куќи, од кои долните катови се наменети за демонстрација на занаети, додека горните се претворени во хотелски соби.

Проектот, финансиран со 5,2 милиони евра за изградба и дополнителни 1,3 милиони за внатрешно уредување, претставува значаен културен ресурс. Сепак, поради неодржување и неправилно управување, овој значаен објект остана нефункционален.

Новата иницијатива за изнајмување е обид за повторно оживување на комплексот и враќање на неговата туристичка и културна вредност.

Поврзани вести