
Зголемениот капитациски бод во примарното здравство ќе го зголеми бројот на матичните лекари и ќе го намали нивниот одлив во странство, а следните чекори треба да бидат фокусирани на соодветно прераспределување на кадарот и на опремата, како и зголемени ингеренции со цел што помалку пациенти да се препраќаат во терцијарното здравство, оценија учесниците на панел дискусијата „Влијанието на зголемувањето на капитацијата врз примарната здравствена заштита“, што се одржа денеска во Владата.
Со неодамнешната владина одлука капитацискиот бод на матичните доктори од општа медицина и гинекологија се зголеми од 75 на 100 денари, или за 33 проценти, додека за матичните стоматолози предвиден е раст од 23 насто, односно од 61 на 75 денари.
Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), оцени дека ова е прв чекор во решавање на проблемите што не се работело долго време и оти е важно да дојде до промена на структурата во финансирањето.
Најчестата критика од Светската здравстена организација е дека премногу трошиме на болничко лекување, а не се инвестира во примарното здравство. Првин мора да го запрете падот а потоа да очекувате раст бидејќи додавање на нови очекувања од матичните лекари кога тие се веќе во лоша финансиска состојба само ќе ја влоши состојбата, рече Клековски, укажувајќи дека ќе треба радикално обновување на кадарот со оглед на очекуваниот бран на пензионирање на матичните лекари, рече Клековски.

Прашан за плановите за поддршка на младите лекари Клековски потенцираше дека првиот предуслов е платата да биде атрактивна, а следен чекор како да се олесни преносот на постоечките ординации на следите генерации поради сегашниот комплициран пренос.
Следењето на примената на новите мерки ќе се одвива преку Фондот за здравство осигурување.
Се обидуваме да ги поставиме работите на партнерска основа со лекарите, матичните лекари. Следењето е во Фондот бидејќи комплетно управување со договорите, со капитациите и со услугите е во Фондот. Во основа сите плаќања кон матичните лекари, 70 пациенти се фиксен износ за основната работа и 30 процети се исплаќаат за остварување на одредени превентивни цели. Тие се поделени на општи и посебни цели. Во општите цели се генерално контрола на издадени лекови и издадени боледувања, а во посебните цели тие се разликуваат кај општа медицина, стоматолозите и кај гинеколозите. Кај гинеколозите клучната превентивна цел е превенција на рак на грло на матката со систем како се проверува состојбата и се упатуваат на следните нивоа, дали за пап тест или за колкопоскопија. Има точно одреден систем на поканување и нормално ние тој систем го контролираме бидејќи најголем дел од овој систем е дигитализиран, рече Клековски.
Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на матични лекари, оцени дека новата мерка на Владата е добар стимул за зголемување на бројот на матичните лекари. Потенцираше дека ова е историски најголемо покачување на капитацискиот бод од 2002 година.
Примарното здравство е столбот на здравствениот систем и ние како здружение постоиме од 1992 година, постојано сме барале реформи, со цел да ги услужиме нашите пациенти и што помалку да одат на прегледи во Скопје. Бројот на 1800 матични лекари е намален на 1470 и сметам дека ова е добар стимул за да се зголеми бројот на матичните доктори, повторно да имаме опфатеност и во руралните места, имаме одличла соработка со ФЗОМ кој бајпасира многу состојби со решавање на проблемите на маса, како што е подобрување на состојбата за руралните доктори, каде што нема исто така и медицински сестри. Вистинско богатство е да најдете лекар во мало место и пациентите во малите места да имаат доктор бидејќи и секундите значат живот. Се почувствува радост во примарното здравство, а има и изрека дека секој го почитувате онолку колку што го плаќате. Сепак е еден добар стимул за зголемување на бројот на докторите и примарното здравство да биде посакувана дејност за да може младите доктори да сакаат да останат во државава, рече Чолакова Дервишова.

Идните чекори кои Владата треба да ги преземе според неа треба да бидат во насока на зголемување на ингеренциите на матичните лекари и пациентите што помалку да се упатуваат во терцијарното здраство, а треба да се дискутира и за моделот на плаќање бидејќи нема закон за докторска дејност.
Да се работат повеќе ехо, доплери, преглед на кародити, многу од матичните и сами се имаме усовршено, гледаме и ехо, се трудиме да купиме апарати, но ќе ни треба поддршка од Владата и да се направи едно унифицирање и добра распределба на апаратите и едукација, а пациентите да е одат од еден во друг град за да направат доплер, ехо на простата, на жолчка. Требаат повеќе патохистолози за побрзо дијагностицирање и национална стратегија за правилно прераспределување на кадарот и на апаратите и опремата за да праќаме што помалку во терцијарното здравство, посочи Чолакова Дервишова.
Потребни се и законски измени, како што вели и поради тоа што е различен правниот однос за концесионери и за лекари во сопствени ординации.
Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиеска Папестиев, зборуваше за влијанието на новата мерка во раната детекција и оцени дека одлуката на Владата е сериозна инвестиција која ќе ги мотивира матичните лекари.
Примарната здравствена заштита во гинекологијата и акушерство е исклучително важна алка, а матичните гинеколози се носители на извршување на скрининг програмите, на дијгностицирање и третирање на голем број нехируршки интервенции, советувања за контрацепција, превенција од предвремени породувања. Оваа одлука на Владата ја поздравувам и сметам дека претставува една сериозна инвестиција затоа што ќе ги стимулира повеќе матичните гинеколози да се посветат на скрининг програмата, рече Алексиеска Папестиев.

Таа истакна дека со превенцијата се избегуваат непотребните трошоци за третирање на хронични и онколошки заболувања.
Како основни носители на превентивната програма откако ги вклучивме матичните лекари, 20.000 папови кои се извршуваа годишно за детекција на цервикален карцином се зголемија на 60.000. Годишно ФЗОМ за третирање на пациенти со малигно заболување троши 29 милиони денари. Сметам дека оваа мерка ќе ги стимулира докторите да прават поквалитетен скрининг и на тој начин индиректно државата ќе заштеди непотребен трошок за третирање на овие пациенти, посочи таа, дополнувајќи дека очекува да се зголеми интересот за матични гинеколози и да се намали непотребното упатување на пациенти во Клиниката за гинекологија и акушерство кои треба да бидат третираи на примарно ниво.
Според Лоран Страшевски, матичен стоматолог, стоматолозите како учесници во примарното здравство имаат голем бенефит од покачувањето на капитацискиот бод со коешто смета дека ќе се прошири и модернизира стоматолошката дејност.

Овој финансиски поттик ќе овозможи дел од финансиите да се наменат за натамошна едукација и опремување на ординациите со модерни апарати и материјали, односно стоматологијата на светско ниво да ја донесеме и кај нас со цел пациентите да добијат подобра стоматолошка заштита. Ќе се овозможи и младите стоматоози да не одат во странство и оваа финансиска стабилност да ја искористат да си отворат свои ординации, рече Страшевски.