Skip to main content

Законот за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите пред пратениците

Собранието денеска треба да ја продолжи 85. седница, а на дневен ред се Предлог законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, предложен од пратеници од власта и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, предложен од опозицијата. И двата закона треба да се носат по скратена постапка.

Со измените на Законот за за постапување со бесправно изградени објекти, доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се предлага дополнителни пет години за легализација на бесправно изградените објекти, односно продолжување рокот на неговата важност – наместо 15, законот да важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година.

Како што образложи пратеникот Бојан Стојановски на прес-конференција минатата недела, целта е граѓаните да не останат со нерешени статуси за своите домови поради административни препреки или бавни процедури.

– Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотно-правни односи, разни постапки или претходни прашања, кои не биле по нивна вина. Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети, кои се во процедура, би биле прекинати по сила на законот во фазата во која се затечени – рече Стојановски.

Со измените на законот се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да може легално да ги завршат сите веќе почнати постапки. Оваа измена, не предвидува нови барања, туку е исклучиво во служба на оние граѓани што веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.

Поврзани вести