
Од речиси 28.000 места во учебната 2025/2026 година за учениците кои ќе можат да се запишат во средните општински училишта, од нив 18.500 места се предвидени за упис во средните стручни училишта, од кои 6.725 места се во дуално образование во 269 паралелки.
За таа цел Владата и Министерството за образование и наука го зголемиле бројот на стипендии за дуално образование на 1.570, а зголемен е и бројот на компании кои покрај теоретската настава во училиштето, на средношколците запишани во дуалните паралелки ќе им овозможат и практична настава во 550 компании.
Како што денеска соопштија од владината прес-служба, ова значи дека учениците додека се школуваат, ќе стекнат и практична вештина, ќе се квалификуваат за пазарот на труд и ќе добијат можност за вработување веднаш по завршување на образованието.
Обезбедени се 50 милиони денари, односно месечна стипендија од 3.500 денари за 9 месеци во годината, ќе добијат учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и ќе ги исполнат условите од конкурсот кој ќе биде објавен за доделување на стипендиите. Нашата заложба како Влада е да го реформираме и подобриме образовниот систем и да создадеме млади кои наместо да се иселуваат, ќе можат да ја градат својата иднина во Македонија. Се обврзавме на промени, тоа и го исполнуваме. Создаваме иднина и ја развиваме Македонија, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата на РСМ.