Skip to main content

Во изминатото деноноќие имало 31 пожар на отворено, по 13 часа борба изгаснат е големиот пожар кај селата Долно и Горно Чичево

Големиот пожар кој вчера беснееше над 13 часа кај селата Долно и Горно Чичево, доцна синоќа беше целосно изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои напомош им дојдоа нивните колеги од ТППЕ од Кавадарци и Неготино и пет доброволци од Доброволно друштво од Неготино ангажирани од Дирекцијата за заштита и спасување и четири Огнени тимови со возила  ангажирани од ДСЗ, како и три ер трактори и хеликоптер на МВР.

Сите тие заедно со брза и ефикасна интервенција не дозволија огнот да се прошири и на куќите во двете села, а беа спасени од пожар  овоштарниците и лозовите насади во атарот на двете села лоцирани во Општина Градско, во реонот на Клепа. Огнот започна кај селото  Долно Чичево вчера утрото околу 9 часот и  брзо се проширина на теренот кон село Горно Чичево, притоа  излезе од контрола и се прошири кон околните ридови и направи  линија од околу 10 километри.

Командирот на велешките пожарникари Димче Јованов информира дека теренот бил многу тежок, но благодарение на помошта на неговите колеги од Кавадарци и Неготино како и на доброволците и помошта од ДЗС и МВР пожарот кој вчера утро бил пријавен  во ТППЕ Велес околу 9.00 часот е целосно изгаснат синоќа околу 22.20 часот.

Екипа од ТППЕ Велес утрово повторно ќе излезе на опожарениот терен за да направи  уште една контрола.

Цевтарот за управување со кризи утрово соопшти дека уште се активни пожарите во општините Студеничани и Зелениково – кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер со крак кон  Палиград и Вражале – општина Зелениково, мешана шума, во општините Гостивар и Македонски Брод – кај селото Трново кон селата Битово и Заград и во општина Чашка – над селото Нежилово.

Под контрола се пожарите кај кумановското село Тајмиште, во општина Макеоднски Брод помеѓу резерватот „Јасен“ и селото Брезница, на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево.

Според информациите на ЦУК во изминатото деноноќие имало 31 пожар на отворено.

Поврзани вести