Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Со ДУП во Тетово на Давидовиќ му бил овозможен бизнис од 200 милиони евра

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека по изборот на Владата во 2020 година, тогашната коалиција СДСМ–ДУИ донела детален урбанистички план (ДУП) во Тетово со кој, како што тврдат, му овозможила значаен бизнис на бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака.

Според партијата, измените во ДУП биле усвоени само еден ден по формирањето на Владата, предводена од Зоран Заев, во координација со коалицискиот партнер Али Ахмети. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со тоа директно се отворил простор за инвестиција вредна околу 200 милиони евра.

Се посочува дека станува збор за просторот на поранешниот индустриски капацитет ШИК „Јелак“ во Тетово, кој бил откупен од Давидовиќ преку компанијата „Јелак Градба“. Со новиот урбанистички план, според наводите, на оваа локација било предвидено изградба на над 2.000 станбени единици, деловни објекти и трговски содржини.

Од партијата наведуваат дека случајот бил познат во јавноста и дека, како што велат, бил спречен благодарение на нивни реакции и алармирање.

Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за поврзаност меѓу тогашната власт и Давидовиќ, при што се повикуваат на претходно објавени аудиоснимки, во кои, според нив, се споменуваат финансиски и имотни трансакции.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овој случај ја покажува разликата меѓу нив и СДСМ, наведувајќи дека тие се залагаат за борба против криминал и корупција.

Од СДСМ засега нема реакција на овие наводи.

Поврзани вести