Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата на Коцевски

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител  – Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната прес-конференција истакна дека нема веќе простор за компромиси со неуспехот и оти време е за одговорност.

-Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата. Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност, рече тој.

 Мицевски потенцира дека нивната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена.

-Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена. Таа борба не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта. Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата, изјави тој.

Што доколу Коцевски не замине од функцијата после изгласана интерпелација, Мицевски нагласи дека дополнително ќе имаат став по оваа прашање.

-Да почекаме да помине првин интерпелацијата, па дополнително ќе имаме став по оваа работа. Секако, ќе биде согласно законите и процедурите кои постојат во државата, рече тој.

На прашањето дали ќе успее Собранието да ги избере челниците на три важни институции до локалните избори како што се Јавното обвинителство, Народниот правобранител и ДКСК, Мицевски нагласи дека сите овие институции имаат заменици.

-Овие се процедури и постапки кои веќе се отпочнати во одредени институции. Да почекаме и оваа постапка да го добие својот крај во Собрание, па ќе видиме како ќе се развива понатаму. Не би сакал да коментирам такво нешто, затоа што тоа се институции кои не зависат само од еден човек. Тие се институции кои имаат други вработени професионалци, заменици кои ќе можат да одговорат на задачите на државата. Ако се ослнонуваме во државата на по еден човек, не ни е добра работата, рече Мицевски

Поврзани вести