Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во изјава за медиумите рече дека сериозно се размислува за законски измени во делот на казните за направени прекршоци во сообраќајот, но според него, важно е да се подигне и јавната свест.
Се работи и во делот на законските измени каде сериозно се разгледува можноста за порестриктивни, повисоки казни, меѓутоа најважно е да ја промениме свеста. Не може ако знакот е 60, некој да вози 100, ако е знакот 100, некој да вози 200. Да ја подигнеме јавната свест и како родители не треба да им се овозможиме на децата кои се малолетни да имаат средство со кое ќе бидат учесници во сообраќајот. Пред се тука мислам на моторчиња или свесно да возат возила без возачка дозвола – рече Јанев.
Бирото за јавна безбедност во соработка со Министерството за внатрешни работи веќе ги детектирале и црните точки на сообраќајот низ целата држава и најавуваат акции за подобрување на сообраќајната култура.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во фејсбук статус објавен по сообраќајната несреќа на булеварот „Партизанска“ каде загина 22-годишната Фросина Кулакова, го отвори прашањето за законски измени и најави дека наскоро ќе биде ставен во функција системот „Безбеден град“.
МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам.Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?, напиша Тошковски.
Дваесет и двегодишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Вчера, граѓани организирани преку социјалните мрежи одржаа мирен протест на местото каде загина Фросина барајќи одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди, а денеска на местото каде загина Фросина се уште има граѓани кои и оддават почит.
За утре во 17 часот повторно е закажан протестен марш под мотото „Кој е следен“. Целта на протестот, како што наведуваат организаторите, е да се адресираат трите главни проблеми и тоа нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволната безбедност во градовите и глорификација на девијантното однесување.
Освен Фросина, на истиот пешачки премин во слична сообраќајна несреќа на 3 април 2015 година почина студентската Фросина Цековска, а на 20 јануари 2022 година на пешачки премин кај крстосницата кај трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ беше прегазена студентката Викторија Николова. бак/вј/