
Предвидено е проширување на патарината кај Миладиновци и зголемување на процентот на поминувања за електронска наплата на патарините (таг), најави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски при посетата на Куманово каде почна рехабилитација на регионален пат.
Целта е, потенцира, да има што повеќе поминувања со тагови, наместо со кеш и платежни картички.
-Тие патарини, не само таа туку пет-шест, други финансирани од Светска банка беа закочени работите. Успеавме по неколку месеци да се откочат. Ќе се прави уште една лента од десната страна и со тоа да се зголеми проточноста, тоа е една од најтесните грла на патарините во Македонија и се надевам дека за неколку месеци ќе биде решено. Подготвуваме нова одлука со којашто ќе гледаме да имаме што повеќе поминувања на патарините со тагови. Ако сега имаме 35.000 тагови планираме да имаме од 200 до 300.000 тагови слично како што е во Србија. А и тие да важат и во Србија, Грција, Хрватска. Искрено, се надевам дека до лето тоа ќе го направиме, наместо една да има две ленти со тагови, целта е да има што повеќе поминувања со тагови, а помалку со картички и кеш пари, изјави Трајановски.
Трајановски посочи дека се подготвува петгодишна програма за реконструкција на автопатиштата и експресните патишта, меѓу нив и за реконструкција на автопатот Куманово-Скопје, како и на патот помеѓу Хиподром, Петровец и Миладиновци. Годинава, почнува и изработката на петгодишната програма за реконструкција на автопатишта, регионални, експресни патишта преку која ќе бидат утврдени приоритетите.
-Ние сме неполна година. Работиме интензивно на планирање на реконструкција и на автопатиштата и на експресните патишта. Прават напори да се добијат финансиски средства, да се добијат кредити, извори на средства од коишто ќе бидат финансирани, каде што сигурно ќе биде и патниот правец Скопје-Куманово како и триаголникот, Хиподром-Петровец-Миладиновци .Не можеме точно да кажеме. Но, работиме и на петгодишната програма за регионални, автопатишта, експресни патишта, која последен пат била направена во 2013 година. Годинава ќе почнеме да ја правиме, изјави меѓу другото Трајановски.