Skip to main content

Томовски: СДС да се извинат за клеветите и измислицитe, немам никаков удел во посочената компанија

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ ако партијата не се извини за обвинувањата дека негова семејна фирма од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.

Томовски вели дека посочената компанија не е негова ниту, пак, дека има каков било удел во неа.

„Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на СОЗР. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат“, пишува Томовски во реакцијата објавена на Фејсбук.

Наводите на СДСМ ги оцени за малициозни и полни со клевети и измислици.

„Тоа е нивниот стил, но и единствената сламка за спас. Додека зборуваат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес-конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели ‘држете го крадецот’. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана. Тоа беше нивното ‘владеење’ – период на пропаѓање што остави длабоки последици врз општеството и врз довербата во институциите“, вели Томовски.

Поврзани вести