
Свечена Архиерејска Литургија во Париз по повод Неделата на жените мироносици
На 26 април 2026 година, во Неделата на жените мироносици, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ при Македонската православна црковна општина во Париз, Франција, на достоинствен и молитвен начин беше одбележан овој значаен ден. По тој повод се отслужи Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Нему му сослужуваа Нивните Високопреосвештенства, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и Неговото Преосвештенство Епископот Западноевропски г. Јустин од сестринската Српска Православна Црква, заедно со архимандритот Агатон и повеќе свештенослужители од Македонската Православна Црквa – ОA. Во текот на светата богослужба, верниот народ молитвено учествуваше во евхаристиското собрание, вознесувајќи благодарност кон Бога и прославувајќи го подвигот и верата на жените мироносици, како пример на љубов, пожртвуваност и верност кон Христос. Посебна радост на овој свечен ден беше извршувањето на чинот на осветување на новопоставениот иконостас во храмот, непосредно пред отпустот на Божествената Литургија. Иконостасот, со својата убавина и длабока духовна символика, дополнително го украсува светиот простор и ја воздигнува молитвената атмосфера. На Светата Литургија присуствуваа и амбасадорот на Република Македонија во Франција, Н.Е. Игор Николов, како и полковникот Стојановски, военото аташе во Париз.
Настанот беше збогатен и со културно-забавен дел, кој помина во дух на единство, духовна радост и заедништво, оставајќи силен впечаток кај сите присутни верници, кои со голема љубов и почит го проследија овој значаен ден за македонската православна заедница во Франција.

Македонски



