
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска ја обвини опозицијата дека со блокирањето на усвојувањето на новиот Изборен законик ја оставила државата без 4,2 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија.
Стојаноски посочи дека 15 јули бил крајниот рок за усвојување на изборната реформа, но Изборниот законик денеска воопшто не се нашол на дневен ред на пленарната седница на Собранието.
„Тоа значи дека Македонија нема да исполни една од десетте преземени обврски, поради што ќе остане без 4,2 милиони евра“, изјави Стојаноски.
Тој истакна дека во изминатите четири месеци се воделе разговори во Министерството за правда и во Собранието, а владејачкото мнозинство, како што рече, понудило договор до опозицијата за заедничко усвојување на законското решение.
Според него, наместо политички консензус, следувала свесна блокада.
„Ова што го гледаме е театар на свесна блокада, која треба да им служи како алиби за наредниот изборен пораз“, рече Стојаноски.
Тој додаде дека, и покрај најавите, не се одржале средби меѓу опозициските партии за финализирање на законското решение, што, според него, е спротивно и на препораките што ги упатиле европските претставници.
Стојаноски ја обвини коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица дека е директно одговорна за неусвојувањето на Изборниот законик, оценувајќи дека со тоа не само што ја блокирале изборната реформа, туку и ги лишиле граѓаните од 4,2 милиони евра кои, според него, требало да бидат искористени за реализација на проекти и подобрување на животниот стандард.
Тој нагласи дека поради неисполнувањето на обврската во предвидениот рок, средствата ќе останат недостапни, додавајќи дека јавноста треба да знае кој ја сноси одговорноста за тоа.
„Со ваквиот потег најголема штета трпат граѓаните и македонската дијаспора. Опозицијата повторно ги стави партиските интереси пред интересите на државата“, истакна Стојаноски.

Македонски



