
Bovi imponere clitellas- Да му ставаш самар на волот, сепак е вол. Ова се однесува и за Коцевски. Сакаа со сила од него да направат републички обвинител. Како вика нашиот народ, од секое дрво свирче не бива. Така и со Коцевски. Се извалка себе си, ја извалка и својата ќерка. Ја втурна во низа на кривични дела за кои во иднина ќе треба да одговара и на крај, без грам доблест, саат време пред да започне собраниската расправа си поднесе оставка. Тоа доволно зборува за него и за неговиот карактер, ако можеме да кажеме дека има било каков карактер. Еден родител што свое дете жртвува за свои интереси, каков родител може да биде тој. Не дозволи да има собраниска расправа бидејќи знаел дека пратениците ќе го разобличат за сите валкани работи што ги правел последните две години – вели поранешниот претседател на Вишото обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, коментирајќи ја оставката на досегашниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој се повлече од функцијата непосредно пред почетокот на собраниската седница за негово разрешување.

Но сепак, вели Хајрулахи, работите во обвинителството нема да се променат или како што вели: срамното заминување на вуду куклата од јавното обвинителство нема да смени ништо бидејќи тој беше само една вуду кукла во рацете на неколку јавни обвинители од поранешното СЈО.
Најодговорно тврдам дека ако не се искоренат инсталатите од поранешното СЈО, ако не се прочисти Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, довербата ќе биде испод нула. Тоа се крлежи кои се закачени во јавното обвинтелство и нив само со прецизен хируршки рез можете да ги тргенете бидејќи поинаку ќе продолжат да паразитираат во телото на јавното обвинителство и постојано ќе си го усовршуваат рекетот кој е својствен за нив и нивното функционирање. Новиот државен обвинител треба сериозно да се позанимава со ова општествено зло, со овие паразити од поранешното СЈО како и со шефот од организиран криминал бидејќи таму владее хаос, безредие, таму моментално имаме брауново движење – коментира Хајрулахи.
Го прашавме што смета дека е неопходно да се промени во јавното обвинителство, со оглед дека постојано зборува за поранешните обвинители на СЈО, велејќи мафија обвинители кои го контролираат Коцевски. Тој вели:
Еве, најпросто. Дали некој од нас знае што се случува со предметот Бонусите на СЈО каде што 10 обвинители си приграбеа над 4 милиона евра и истите денеска тежнеат да бидат на раководни позиции во јавното обвинителство. Зарем мислите дека со овие луѓе ќе се гони криминал кога самите се до гуша заглавени.
Дали сметате дека треба да се бара кривична одговорност од Коцевски за неговото работење?
Хајрулахи: Тој што треба да бара кривична одговорност од Коцевски, истиот е соизвршител во сите криминали на Коцевски. Кој ќе бара од него кривична одговорност, Ислам Абази? Немојте, ве молам.
Хајрулахи не ја исклучува можноста да се пријави на конкурсот за државен јавен обвинител, велејќи дека ги исполнува условите за да конкурира на ова место. Во меѓувреме ја подготвува својата адвокатска канцеларија, но тоа не значи дека нема да претендира за највисоката функција во обвинителството. Истовремено објаснува и зошто се реши за поднесување оставка во ВЈО Скопје.

Како ќе функционира ЈО во овој период до избор на нов обвинител?
Хајрулахи: Законот предвидува да сега, во овој период Советот на јавни обвинители да постави в.д раководител на јавното обвинителство од редот на јавните обвинтели од републичкото јавно обвинителство. Познавајќи ги консталациите во Советот, сигурен сум дека ќе постават човек кој ќе ги штити обвинтелите од СЈО бидејќи во советот преовладуваат овие од СЈО. Можам и со име и презиме да ги набројам кој се и како сите до еден на ваков или онаков начин се поврзани со СЈО. Зарем сметате дека еден Ермон Незири ќе каже нешто поинаку од тоа што ќе му се каже, или Душица Димитриевска чиј сопруг беше во СЈО или Светлана Жупановска која беше вработена во СЈО.
Зошто вие се решивте за оставка? Се боревте долго време, со оглед дека бевте суспендирани, на крај одлучивте да се повлечете.
Хајрулахи: На овој чин се решив од морални причини. Повеќе од една година примев плата во износ од 110 илјади денари без да обавувам никаква работа. Тоа е голем износ за наши услови. Терет на државата ќе бев сигурно уште долг период, не по моја вина. Затоа се решив на оставка. После нова година ќе почнам со адвокатура.
Се борев со сите можни правни средства но реално, против еден ваков систем на вредности, каде секој на секого му е должен во криминалите или се заедно во разни форми на криминал, не можеш. Обвинителката од Штип ја држат со тоа што еден од членовите на нејзиното потесно семејство во неколку наврати евидира во МВР како сторител на разни кривични дела и таа е спремна на се само да не се процесуираат кривичните пријави против потесниот член од семејството.
Бевте суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“, базирано на наводи дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година сте користеле хиерархиска надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што наводно сте се заканувале дека „ќе ги дигнете на клоци“ или „ќе ги фрлете од 6-ти кат“ и сте се обидувале да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани. До каде е овој предмет? Ако добро се сеќавам беше поднесено обвинение.
Хајрулахи:Да. Бев суспедниран дента кога ги објавив сликите каде што ќерката на Коцевски споделува доверливи информации на еден новинар. Информациите беа од кабинетот на Коцевски, а се однесуваа на надзорот над работата Вишото јавно обвинителство Скопје.
По однос на наводите од кривичната пријава, преточена во обвинение без најмалце да се запасат стандардните процедури за водење на една фер кривична постапка, криминализираната обвинителка Кацарова, држена на краток ланец од Коцевски а кажав пред малце со што и како, без никаков материјал ниту вербален доказ, поднесе обвинение иако, самата наводна оштетена Валентина Калинковска, пред нејзе на записник кажала дека заканите од типот ,,ќе те фрлам од 6ти спрат ,,не ги слушнала од мене туку од мојот тогашен заменик Елвин Вели за кој во друга прилика докуметирано ќе докажам како негов член од семејството се бави со лихварство. За ова располагам со докази, како вербални така и материјални.
И вие го пријавивте Коцевски за изнесување документи од Јавно обвинителство, кога неговата ќерка даваше документи на новинарка. Што се случува со тоа?
Хајрулахи: Што може да се очекува во еден ваков систем на вредности кога сите меѓусебно се поврзани како свински црева.

Притисоците за кои тврдите дека ги трпите, ги трпи и обвинителот Јован Цветановски. Зошто се најде на удар и тој? Дали бонусите на СЈО се главната причина?!
Хајрулахи:Токму бонусите на СЈО се причина за сето ова што се случи со мене и мојот заменик Јован Цветановски. Лично од неписмениот обвинител Коцевски ми се вршеше притисок за да се потврди незаконитата одллука донесена лично од Ислам Абази иако истиот не смеел да постапува по истата.
Што се случува со бонусите? Дали сте во тек?
Хајрулахи: Никој ништо не знае за тој предмет. За истиот, сведоци сме дека ВМРО како политичка партија, за време на кампањата за парламентарните избори, имаше цело поглавје за тоа дека ќе се бара одговорност за секој еден потрошен денар. Изгледа тоа важело само пред избори, сега највероватно се ујдисале со нив и си терат као што тераат до сега.
Кој според вас се најскандалозните потези на т.н. мафијашката организација во обвинителството? Велите случајностите во ЈО се исклучуваат. Годинава се случија многу „интересни“ работи-Ковачевски, Прпарим Бајрами, Артан Груби…
Хајрулахи: Најскандалозни за нив не важи пошто целиот нивен ,,труд,, е скандалозен. Таму кај нив е како во тоа игрите на среќа, со врзани очи да извлечеш ливче од купот ливчиња и мора нешто да се падне, дали тротинет, дали пегла, дали автомобил или фен за коса ама секако нешто ќе ти се падне.
На Коцевски, се чини, ќе му се пресудеше многу порано, но трагедијата во Кочани му даде шанса. Што мислите за истрагата за Кочани?
Хајрулахи:За жал овој човек ја искористи трагедијата во Кочани за свои цели и врз душите на тие трагично загинати се обиде да се извлече од разрешувањето. Тој е таков, се води од тоа дека целта ги оправдува средствата. Истрагата за Кочани е конструкција која намерно е направена за да не успее. Предметот е поделен во неколку дела, едниот дел се води во Скопје, другиот во организиран криминал а третиот дел во Кочани или Штип, не знам. Како може еден ист кривичноправен настан да се расплинува и да не се знае кој е кој во постапката. Во едната едниот ќе биде обвинет, во друг предмет, сведок а во трет сигурно оштетен.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕО-РАЗГОВОРОТ СО МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ
Разговараше: Билјана Бабиќ
Видео и монтажа: Александар Арсовски

Македонски






