Skip to main content

Советот на Европа констатираше напредок за Македонија

 Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Како што истакна Муцунски, одлуката претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.

Министерот, како што е наведено во соопштението од МНРиНТ, нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа.

Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности. дма/вг/

Фото: МНРиНТ

Поврзани вести