
Денес се одржа партнерска конференција за одржливо управување со отпад, насловена како „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“ каде меѓу другото се разговараше и за координацијата и соработката помеѓу донаторската заедница, министерствата, општините, приватниот и граѓанскиот сектор како единствен одржлив начин на спроведување на реформите, за справување со предизвиците и креирање одржливи решенија.
На конференцијата беше посочено дека општините се првата линија на управување со отпадот во Македонија, но често се соочуваат со финансиски ограничувања и недостиг од капацитети за спроведување на одржливи решенија. За да се обезбеди долгорочна ефикасност и финансиска одржливост, неопходно е воведување на реформиран тарифен систем што ќе поттикнува намалување на отпадот и рециклирање. Истовремено, подобар пристап до донаторски средства, дополнителни финансиски стимулации базирани на резултати и партнерства со приватниот сектор може значително да го унапредат системот.
Соговорниците се сложија дека земјата треба да ја искористи поддршката од донаторите и јавно-приватните партнерства за финансирање на неопходните инфраструктурни подобрувања. Меѓународните искуства покажуваат дека добро управуваните донаторски средства, во комбинација со активна вклученост на општините, водат кон трајни подобрувања.
Но, како што беше констатирано, управувањето со отпад не е одговорност само на една институција – неопходна е координација меѓу националните и локалните власти, донаторите, приватниот сектор и граѓанското општество. Потребно е општините да ја искристализираат својата улога во овој процес, и да обезбедат сопствеништво врз процесот.
За да се премости овој јаз, потребна е посилна соработка помеѓу централната и локалната власт, подобро дефинирана регулаторна контрола и активно учество на општините. Само така, политиките за управување со отпад нема да останат само на хартија, туку ќе бидат ефикасно спроведени. Дополнително, усогласувањето и координацијата на програмите за финансирање ќе овозможат реформите да бидат одржливи и на долг рок.
Соработката меѓу сите чинители – државата, локалните власти, приватниот сектор, донаторите и граѓанското општество – е клучна за успешно и одржливо управување со отпадот.
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ кој е финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со партнерите МЖСПП, МЛС и ЗЕЛС.