Skip to main content

Собрани речиси 30.000 евра на аукцијата каде се надаваа претседателката, пратеници, бизнисмени, граѓани за помош на повредените од Кочани

Одличен интерес покажаа учесниците на аукцијата на уметнички дела од хуманитарната изложба за настраданите во „Пулс“, што се одржа синоќа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани.

По едноминутниот молк како почит за загинатите во пожарот, на аукцијата што ја водеше актерот Благој Веселинов, беа претставени шеесетина уметнички дел од над 140 што се најдоа на изложбата. Собрани се околу 1.800.000 денари односно речиси 30.000 евра

На настанот на кој присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и стопанственици, политичари, градоначалници, уметници и граѓани, беше нагласено дека целта е да им се помогне на сите кои се засегнати од трагедијата, за полесно да ги надминат последиците.

Добро ќе беше никогаш да не се собереме за да прибираме финансиски средства и да помагаме на ваков начин. Уметноста и сликарството да нѐ споеја на поинаков начин, но секоја подадена рака во овој хуман настан за нас значи многу. Благодарение на сите, на учениците од Школата за цртање и сликање и на волонтерите кои се вклучија во организацијата, настанот дојде до степен на сериозност и ова е само почеток на еден пат за собирање средства што долгорочно ќе им се потребни на сите засегнати од овој пожар, истакна Александра Димитрова, раководителка на Школата за цртање и сликање прио ЦК „Бели мугри“.

Аукцијата помина успешно и најголем дел од понудените уметнички дела дoбија нови сопственици и се продадоа по повеќекратно наддавање, при што за дел од нив беа понудени и по неколку десетини илјади денари. Највисок износ од 300 илјади денари беше постигнат за ликовно дело на уметникот Михаил Корубин.

Димитрова нагласи дека делата што не се продадоа на аукцијата, во соработка со SupportKocani, ќе бидат објавени во дигитална форма и ќе се понудат на електронска аукција, за да можат да учествуваат и наши граѓани од дијаспората, кои исто така покажале интерес да помогнат на овој начин.

Поврзани вести