Skip to main content

Сиљановска-Давкова за македонскиот евроинтеграциски процес: Гледам деблокада, има исчекор, неопходни се добра волја и манифестирање добрососедство

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова гледа деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес. Според нејзините сознанија, како што изјави денеска, има исчекор. Ново е, рече, тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“.

Според претседателката, процесот не зависи само од земјава која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство.

Сиљановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани.

Да, гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање, Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата за пријатели на Западен Балкан, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничката меѓунардона и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, треба, она што е најважно – добра волја, треба манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознаам механизми како ветото и сличните закани – рече Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната објава на Еуроактив, дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од преговарачката рамка.

Сиљановска-Давкова учествуваше на настанот „Глобален женски појадок 2025“ што го организираше Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, по повод 11 февруари – Меѓународен ден на девојките и жените во науката.

Поврзани вести