Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека одлуката на Уставниот суд е очекувана и дека Судот треба да има повеќе јавни расправи. Зборувајќи како правник таа рече дека не ги разбира потезите на двајцата уставни судии, кои не беа на подготвителната седница на Уставниот суд за законот за употребата на јазиците.
Како правник ќе кажам очекувана. Многу пати сум велела дека во Уставниот суд треба да има повеќе јавни расправи. Едно време речиси беа суспендирани јавните расправи. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите и претставници на институциите, но и претставници на оние кои не се согласуваат со иницијативата. Да има таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме Судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи, рече Сиљановска Давкова.
Како што кажа претседателката, не ги разбира потезите на уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари кои не присуствуваа на седницата.
Не ги разбирам потезите на двајцата судии. Не сум чула некој да бојкотира работа на суд или на Уставен суд. Тие се таму за да решаваат. Може да гласаат за, може да гласаат против, она што најшокатно ми зазвуче вчера е дека не може да се признавале одлуки на еднонационален суд, рече претседателката.