
Претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорот на Сити колеџот во Солун Јанис Верверидис, денес на 20 македонски граѓани им ги доделија стипендиите „Борис Трајковски“ за двегодишни студии од втор циклус во рамки на Пан-европската извршна МБА програма на Европски кампус на Универзитетот Јорк – Сити колеџ во Солун.
На свеченоста организирана по овој повод, министерката Јаневска потсети дека традицијата на доделувањето на стипендиите во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски трае веќе 22 години и дека и овој пат очекува да се создаде нова генерација постдипломци на реномирана високообразовна установа, кои ќе го зајакнат кадровскиот потенцијал на државата и ќе придонесат кон нејзиниот развој.
Веруваме во ваш успех, бидејќи сите вие дотука не сте стигнати без доволно ентузијазам и труд. Па така, оваа стипендија доаѓа како признание на вашата упорност, талентот и потенцијалот што го носите во себе. Таа е поттик да продолжите да чекорите храбро напред, да истражувате, создавате, учите и да ги поминувате границите на можностите“, рече Јаневска.
Министерката ги советуваше стипендистите да не забораваат од каде потекнуваат и кој ги поддржал за да ја остварат целта и да стекнат двојна диплома со потпис на Универзитетот Јорк и на Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур.
Сетете се дека ве поддржа вашата земја Македонија и возвратете и’ вложувајќи го знаењето во неа. Затоа што, кога знаењето го вложувате во татковината, не градите само поубава земја, туку градите и поубава иднина за вас, за нас и за сите оние што ќе дојдат по нас“, рече Јаневска.
Студиите се реализираат во Солун, Грција, со студиски посети на Универзитетот Јорк во Обединето Кралство и на Универзитетот во Стразбур, Франција. Средствата за уписнина ги обезбедуваат по половина износ Владата на Македонија, преку Министерство за образование и наука и Сити колеџот.

Македонски








