Skip to main content

Сесија на НКЕУ-МК: Интегритетот на судиите и обвинителите клучно во борбата против корупцијата и обезбедување транспарентност и заштита на човековите права

Една од најважните забелешки во реформата на судството е дека обезбедување независност на судството не е луксуз, а реформите кои се насочени кон судскиот интегритет мора да бидат клучни во борбата против корупцијата и обезбедувањето транспарентност и штитењето на човековите права. Обезбедувањето интегритет на судиите и обвиителите е клучно и еден од првите чекори кон обезбедување интегритет е да се воспостават јасни стандарди за сите поединци кои се вклучени во правните процеси. Интегритетот не треба да се бара само од судско-обвинителската фела, туку и од сите општествено-плитички чинители, и само така како општество ќе се реформираме.

Ова се заклучоците на панелистите на 16. Сесија на Националната конвенција за ЕУ во Македонија (НКЕУ-МК) „Француски придонес за владеење на правото во Македонија“ на тема „Патеки до интегритет и независност на правосудството: клучен предизвик во реформите за владеење на правото и борбата против корупцијата“.

Хелена Папа, експертка за транспарентност, финансиски криминал и перење пари од француската меѓународна техничка кооперативна агенција Експертиза Франција, истакна дека во последните години, една од најважните забелешки во реформата на судството беше дека обезбедување независност на судството не е луксуз, а реформите кои се насочени кон судскиот интегритет мора да бидат клучни во борбата против корупцијата и обезбедувањето транспарентност и штитењето на човековите права.

Кога судиите се ослободени од надворешни притисоци, финансиски или политички, тие може да носат непристрасни одлуки. Корупцијата го поткопува легитимитетот на правните системи. Обезбедувањето интегритет е клучно и еден од првите чекори кон обезбедување интегритет е да се воспостават јасни стандарди за сите поединци кои се вклучени во правните процеси, рече Папа.

Што се однесува конкретно до државава, таа ги предочи препораките на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата), од кои од вкупно 19 од последниот извештај 15 се спроведени, но кои освен на хартија треба и да се применат и во практика, бидејќи, како што рече таа, постои голем јаз меѓу законските решенија и нивната примена. Меѓу поважните, ја наведе препораката да се воведе поголема транспарентност при вработувањето, оценувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите, воспоставување саморегулирачки судски институции, овозможување повеќе финансиски средства, поголеми плати и обуки за судиите, како и обезбедување соодветни алатки за да можат да држат чекор со новите технологии. Не помалку важни, според неа, се и препораките за спроведување редовна евалуација за нивната работа, истраги за несовесното работење и спречување на конфликти на интерес, чести етички обуки, како и јавно објавување на судските одлуки.

Француската експертка оцени дека ветингот кај судиите и обвинителите е мерка да се обезбеди интегритет, но сепак, вели, тоа да се користи само во ситуации каде што има јасни докази за систематска корупција, наместо да биде замена за редовни механизми за отчетност.

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, истакна дека е предизвик да се обезбеди независност и интегритет на правосудниот систем, што повлекува голем број на реформи, што се однесуваат и на законски измени, уставни измени. Вели дека недостасува е поголема транспарентност и од страна на Обвинителството.

Она што би можело да се подобри во Судскиот совет, тоа се дисциплинските постапки што се предвидени да се водат пред комисиите на Судскиот совет, а против судии. Сегашната постапка трае предолго, таа би можела пократко да трае, а со тоа доаѓаме побрзо до правдата. Исто така може да се направат измени во начинот на оценување на судиите, бидејќи и тоа е еден од условите да имаме независно судство, а тоа е објективно оценување и објективно унапредување на судиите, рече Камбовски.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, говореше за условите за прием во Академијата. Во однос на условите, според неа, смета дека би требало да бидат направени измени и во самиот закон за Судски совет и Советот на јавни обвинители и законот за академија, и тоа да биде согласно потребите на Апелационите судови или вишите обвинителства, и бројот на слободните работни места, огласот треба да биде распишуван секоја година. 

Жан-Пјер Невеу, професор на Универзитетот во По, Франција, рече дека кога има недостиг на доверба во правосудството, постои чувството на неправедност. Според него, професионалниот систем треба да биде во согласност со она што луѓето го фаворизираат, треба да има атрактивност, додека развојот и унапредувањето треба да бидат обезбедени од човечките ресурси.

Абдула Азизи, професор на Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово, кога се зборува за интегритет во судството, тоа треба да оди паралелно со интегритетот на сите власти.

Бараме интегритет од судството, а не бараме од државните службеници, од пратениците. Од сите чинители треба да се бара интегритет, општеството нема да се трансформира ако не одиме паралелно со овие власти. Треба да постои систем на рамнотежа на властите, рече Азиаи, посочувајќи дека судскиот интегритет е основа на еден правичен систем – судиите да носат одлуки без пристрасност. 

Професорката Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, посочи дека македонскиот правосудниот систем долго време беше подложен на политичко и бизнис влијание, што доведе до сериозна корупција и намалена доверба на граѓаните во неговата независност и ефикасност. 

Негативните перцепции за судството произлегуваат од многуте скандали, нетранспарентите процеси и отсуство на отчетност. Граѓаните особено се загрижени поради анемичниот пристап на присуството кон предметите поврзани со висока корупција. Заклучокот дека корупцијата е култура на живеење и системски присутна на сите нивоа претставува само изговор кој ја оправдува корупцијата на носителите на високи јавни функции, кои присвојуваат повеќе од 30 отсто од јавните ресурси, рече Ѓуровска.

Таа додаде дека долготрајните судски процеси кои често завршуваат со застарување на случаите, создава впечаток дека правдата е недостижна, или дека се достапни само за оние кои можат да си дозволат влијание во системот. 

Андреј Лепавцов, амбасадор и директор на Директоратот за ЕУ при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, истакна дека владеењето на правото согласно новата методологија сега зазема уште поцентрално место во пристапниот процес и го диригира темпото на преговорите во сите поглавја. 

Во услови на непредвидлив геополитички контекст, регионот на Западен Балкан може многу да помогне на Европската Унија во проектирање на европските вредности надвор од своите граници, бидејќи тие се компатибилни со нашите уверувања и самите цивилизациски гледишта и со јасен план на динамика на европскиот интегрциски процес со трајна цел на поноправно членство, рече Лепавцов.

Поврзани вести