Минатата година во овој период како родители на прваче, воедно дете со пречки во развој, бевме во грч и паника. Уписите за нас беа стрес. Се плашевме како ќе изгледа школувањето на нашето намило, со оглед дека не беше како секое друг дете. Како се приближуваше први септември така грчот стануваше се поголем, паниката не надвладеа… Непроспиени ноќи, немир и тронка надеж дека во тој мрак ќе видиме некоја мала светлина која ќе ни биде утеха.
Го паметаме први септември 2022 година кога со солзи во очите го гледавме приемот на првачињата и истовремено размислувавме каде да го бараме спасот, во која земја да заминеме, да се потрудиме да создадеме услови, да добиеме подобра средина за нашето дете. Стресот кој го имавме со градинката, но и со разно-разните ситуации низ кои поминавме во тие шест години, не ни дозволуваа да се радуваме на овој ден. Наместо среќа и верба тој ден царуваа немир и страв.
На крајот на оваа учебна година ви пишуваме повторно со солзи во очи, но овој пат не солзи од страв и паника, туку од радост и неверување дека сепак имало луѓе. Сакаме искрено да ја изразаме нашата благодарност од условите кои нашето дете ги доби во текот на првата година од неговото школување. Да се заблагодараме пред сѐ на вас како директор, како менаџер, како за вашето лично однесување кон нас како родители на дете со попреченост и кон вашиот ученик, така и за менаџирањето на сите инволвирани во образовниот процес во вашето училиште.
Во текот на училишната година како родители имавме можност да ја забележиме несебичната поддршка од сите вработени и ангажирани. Прекрасните луѓе во обезбедувањето на училиштето секогаш беа тука за што и да ни затреба, да го примаат нашиот син со насмевка секое утро, со внимание да го следат неговото движење до училница… Немаме поинакво мислење ниту за вработените во кујна кои го има целосно прифатено детето такво какво што е.
Имавме коректна соработка и со дефектологот во училиштето. Не почувствувавме никаков негативен однос или презир од било кој наставник во училиштето. Особено настаничките од сите први одделенија во изминатата учебна година, кои знаеа со насмевка да го прифатат, па дури и да ни упатат збор за утеха дека нема потреба да се грижиме, дека тој е одличен.
Најголемата благодарност ја упатуваме до двете настанички, Анета Мицковска и Менка Чадиноска. Личности со големо срце од кои треба да учат многумина. Наставнички кои со цело срце искрено се посветија на сите ученици во одделението, ги научија дечињата што значи емпатија, се посветија на нивниот емотивен развој, ги научија на искрено другарство и посветеност. Иако се работи за ученик со пречки во развој, кој за некои работи има ограничени можности, никогаш не беше исклучен од ниту една активност. Секогаш наоѓаа начин да го вклучат и да го вклопат во активностите, му даваа шанса да го искаже своето знање, на го наградат, да го пофалат, се вложија да се чувствува посебен, вреден, паметен.
Благодарение на Мицковска и Чадиноска нивниот ученик со попреченост доби другарчиња кои искрено му помагаат, го играат, му се посветуваат. Кога ја добивме кутијата со материјалите за работа на крајот од учебната година, таа беше преполна со цртежи кои неговите соученици ги нацртале за него. Прекрасните асистентки кои беа негова придружба во второто полугодие, раскажуваа за несебичната помош која нашиот син ја добивал од дечињата. И самите сме биле сведоци на многуте прегратки од другарчињата, „караниците“ кој денеска ќе му даде раче за да му помогне да стигне до трепезарија, нивната желба да го вклучат во секоја нивна игра. Па дури и на чекори кои човек не може да поверува дека може да ги доживее од шестгодишни деца, а кои го прават нивното посебно другарче среќно. И сето тоа благодарение на Мицковска и Чадиноска кои влијаеа да се создаде средина во која секој се чувствува посебен, вреден, корисен. Посветеноста на тие две прекрасни личности не променија целосно. Нашиот страв полека преминуваше во среќа, грчот го снема, а нашиот ученик влегува во училиште со насмевка како да влегува во Дизниленд. Целта беше остварена – детето го прифати училиштето, го засака, без проблем секое утро стануваше и со насмевка заминуваше, со насмевка влегуваше во зградата, со насмевка излегуваше. Се создаде средина во која тој беше среќен и исполнет. Постојано со знаци ни раскажува за неговите другарчиња, за наставничките, па дури и за она што го работеле на часовите.
Нема зборови со кои може да се опише неговата среќа. Нема зборови со кои може да се опише неговиот сјај во очињата додека ни објаснува за часовите по физичко и здравствено воспитување кај прекрасниот Николче Тодоровски. Посебна е среќата кога ќе му кажам дека е четврток, што значи дека прв час има физичко. Ништо помала не е насмевката ни кога зборуваме за часовите по англиски јазик кај наставничката Катица Лазовска, која, иако нашето дете не зборува, успеа да го препознае и да го увиди неговото познавање на јазикот кој го изучуваат.
Но нема ни зборови со кои може да се искаже нашата неизмерна благодарност и да се опише нашата среќа после оваа прва учебна година на нашиот син. Не уверивте дека има луѓе, ни дадовте надеж дека има иднина, не уверивте дека нашето дете е посебно, но не поинакво! Ниту еден повик за поплака од детето, ниту еден жалба дека не можат со него, ниту една забелешка! Оптимизмот кој владее кај нас, промената на нашите размислувања и вербата дека има подобро утре е благодарение пред сѐ на наставничките, но и на целиот колектив во училиштето. Секако тука е и разбирањето и поддршката од родителите на соучениците.
Рекле „Само луѓе со големо срце можат да ги подучуваат малите умови“. Вие сте доказ дека навистина е така!
Ова е моето писмо испратено до директорката на Основното училиштето „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска, по завршувањето на прво одделение. Како родители чувствувавме потреба да ја искажеме благодарностa за она што училиштето го направи за Тадеј. Тадеј е сега трето одделение. Приказната е иста како во писмото. Насмеано и исполнето дете, опкружено со многу љубов и внимание во училиште, како од наставничките, така и од дечињата во одделението.
Со Тадеј се работи. Работат асистентките, работат наставничките, работи училишниот дефектолог. Совладува голем дел од материјата, сака да се пофали што научил и со нетрпение го чека наредниот училишен ден. Тадеј ги има Бојана, Павел, Михаил, Илин, Искра, Милош, Симона, Андреј, Мила… Секое детенце има некоја Бојана која ќе го разбира, искрено ќе го сака и ќе му помага. Секое детенце има некој Павел кој од срце ќе се труди да го развесели, насмее, да го направи среќен, Искра што ќе му подаде рака за да се качи по скали или Мила што секогаш ќе го гушка. Секое дете заслужува шанса, затоа што сите сме исти!
На овој ден, 3 Декември, Денот на лицата со попреченост, како новинар си земав за право да ја раскажам мојата приказна со инклузивното образование. Има секакви негодувања, родители кои не прифаќаат нивното дете да учи во исто одделение со детенце со пречки во развој, родители на деца со попреченост кои не сакаат детето да е дел од редовното образование туку да биде дел од специјално училиште. Се чини треба да се дозволи изборот да го направи родителот, секако во соработка со стручните лица кои ќе направат проценка за детето.
Инклузивното образование е спроведено. Сѐ уште сме, условно кажано, млади во спроведувањето на овој принцип на образование. Потребни се повеќе материјали за работа за овие ученици да можат да ја следат наставата. Треба да се променат многу работи, да се вработат повеќе дефектолози. За некои родители инклузивното образование е стрес, за некој благодет. Секој човек е индивидуа, секое дете е различно. Но не зависи сѐ од детето. Зависи од наставниците, зависи од родителите на децата со кои лицето со попреченост учи. Сите ние можеме да дадеме свој допринос за здрава училишна клима за сите ученици. Училиштето треба да им виде место за среќно детство на сите ученици. Да ги учиме децата, да работиме со нив, да им посочуваме дека сите сме исти! Да работиме на нашата иднина!
.
Повеќе од шест години активно работам како образовен асистент, а последните четири сум дел од ОУРСЦ Иднина. Иако уште многу треба да се работи на подобрување на инклузивното образование, за сите овие години имам позитивно искуство, а најголема награда ми е успехот на овие деца – вели Јулија Граматикова, образовен асистент.
Граматикова е асистент на Тадеј од оваа учебна година, а претходно работела како асистент во истото училиште, но со друго детенце на кое му е потребна помош.
Тадеј го познавам неколку години, а од оваа учебна година и сум негов образовен асистент. Тој е најголемиот веселко од IIIб одделение, максимално прифатен и сакан од целото одделение. Тој пак им враќа со двојна доза на љубов и емпатија – додава Граматикова.
Во изминатите четири години – по усвојувањето на Законот за основно образование (2019) – бројот на ученици со попреченост кои посетуваат редовни основни училишта е двојно зголемен, пораснувајќи од четири ученици по училиште во просек во учебната 2019/20 година на девет ученици по училиште во учебната 2023/24 година – според новиот Извештај на УНИЦЕФ за политики: Инклузивно образование во Македонија.
Иако ваквиот напредок ветува, во извештајот се нагласува дека децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите деца што пропуштаат квалитетно образование.
„Инклузивното образование не е само стратешки пристап, тоа е заложба за правичност и квалитет во образованието. Обезбедува фер шанса на сите деца, вклучително и на децата со попреченост, да одат на училиште, да учат и да ги развиваат вештините што им се потребни за да напредуваат, рамо до рамо со своите врсници. Кога децата со попреченост учат во иста училница со другите деца, имаат корист сите деца, како и пошироката заедница, преку негување култура на прифаќање и различност. Овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, земјата треба да биде мотивирана од досегашниот напредок и да ги забрза реформите за да допре до секое дете“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Извештајот за политики и програми е изработен со помош на податоци од национално истражување и од административни податоци. Тој посочува дека 96% од основните училишта во кои одат деца со попреченост имаат инклузивни тимови; поголемиот дел (68%) имаат ресурсни простории и пристапни рампи, а 60% имаат дефектолог. Освен тоа, бројот на образовни асистенти е удвоен од 500 во 2021 година на 1020 во 2024 година, што одразува цврста посветеност кон индивидуализирана поддршка.
Министерството за образование и наука денеска потенцираше дека посветено работи за децата со посебни образовни потреби да добијат квалитетно образование во согласност со потребите и можностите, да го достигнат својот целосен потенцијал и да израснат во граѓани вклучени и ангажирани во општеството.
Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, велиме ДА за функционална инклузија, НЕ за систем од кој родителите се незадоволни, а наставниците имаат големи забелешки. Изминатите неколку месеци во интензивни контакти со сите засегнати страни беше јасно предочено дека концептот на тотална инклузија функционира само на хартија, а во пракса не се спроведува и затоа нема очекувани ефекти. Повеќето родители на деца со попреченост сметаат дека сегашниот образовен модел само го продлабочува јазот меѓу различните и ги дискриминира нивните деца. Затоа правиме промена на моделот на инклузивно образование – секој родител, во согласност со функционалната процена (по МКФ) и заедно со стручни лица, ќе може да одлучи дали неговото дете ќе учи во редовно или посебно училиште со ресурсен центар. Но, без разлика во кое училиште ќе оди, Министерството за образование и наука има цел да обезбеди приспособена поддршка, која одговара на индивидуалните потреби и аспирации на секое дете – потенцираше денеска министерката за образование, Весна Јаневска.
Таа најави дека се работи на континуирано зголемување на бројот на образовни асистенти. Оваа училишна година во наставата во основните училишта се вклучени над 1.000 стручни лица, најмногу досега.
Новиот Закон за средното образование, кој ќе биде донесен на почетокот на 2025 година, предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Исто така, ја продолжуваме поддршката за наставниците преку обуки за да може квалитетно да одговорат на барањата на децата со посебни потреби. Во рамките на буџетските можности, ќе ги подобриме уловите во училиштата со ресурсен центар откога претходно на терен ќе ја утврдиме состојбата во секое училиште посебно. Тоа значи соодветна асистивна технологија и опрема, што ќе им помага и ќе ја зголеми независноста на учениците со посебни образовни потреби.
Министерството за образование и наука работи истовремено на подобрување и приспособување на реалните потреби во сите сегменти на образованието. Имаме силна поддршка на меѓународните институции, од каде што ги користиме најдобрите светски практики. Сите чекори ги правиме со целосна вклученост на оние на кои се однесуваат и кои ги бараат промените – учениците, наставниците, родителите, универзитетите и стручните здруженија. Децата ни се најважни, сите заедно можеме да изградиме подобра иднина за нив – рече Јаневска.
Не гледајте ја попреченоста, почитувајте ја личноста!
Мудриот Старец Тадеј ќе каже:
Недостатокот на љубов не може со ништо да се замени, но љубовта ги заменува сите недостатоци.