Skip to main content

Се зголемува бројот на студенти на Градежниот факултет

На Градежниот факултет на Скопскиот универзитет попладнево беа свечено доделени дипломи на студенти што дипломирале и магистрирале во оваа академска година. Претходно, во Ректоратот на УКИМ беше одликуван со  звање почесен професор (Professor Honoris Causa) д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија, кој е професор и на третиот циклус (докторски) студии на Градежниот факултет. 

УКИМ соопшти дека признанието е во знак на неговите исклучителни научни и академски достигнувања, како и за долгогодишната поддршка и соработка во областа на инженерството и технологијата.

 Тоа е наша гордост и облик за поголема соработка меѓу нашиот и универзитетот во Бохум, каде што многумина наши млади асистенти и соработници докторираат и истражуваат заедно со своите германски колеги, изјави Горан Марковски,  декан на Градежниот факултет.

Според него, сите мора да се заложат да се зголеми интересот на младите за инженерските струки особено за градежништвото.

Затоа што без домашно градежништво држава тешко или е невозможно да функционира. Сведоци сме на бројни проекти кои се реализираат во државата и дека имаме веќе застарени објекти кои бараат одржување, санација, реновирање итн. и за сето тоа се потребни инженери. И оттаму и апелите и нашите заложби да привлечеме што повеќе млади луѓе да ја најдат својата професионална иднина во оваа струка, истакна Марковски.  

Како што рече, по сериозен пад на заинтересираност во претходните години, минатата учебна година имале зголемен број на запишани студенти. 

Се надевам дека тој тренд ќе продолжи, иако сме се уште далеку од она што и е потребно на државата. Оваа струка мора да ја вратиме на местото на кое припаѓа… Се надевам дека бројот ќе се зголеми и ќе можеме да бидеме мирни за наредниот период дека ќе имаме доволно наши градежни инженери. Исто така, апелирам да останат тука  да студираат и да придонесат за својата држава затоа што само дома е дома, порача Марковски. 

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова изјави дека Ректоратот и МОН ги поддржуваат овие заложби затоа што, рече, потребни се се повеќе кадри од градежната струка.

Владата отпочна повеќе проекти во кои и тоа како ќе може да се најдат овие кадри, да го најдат своето место на локалниот пазар во Република Македонија и да го дадат својот вистински придонес, рече ректорката. 

Таа посочи дека за Скопскиот универзитет денес е посебен и свечен ден и бидејќи претходно во Ректоратот на УКИМ му беше доделена титула почесен професор на проф. Питер Марк од Градежниот факултет во Бохум кој, рече, е голем поддржувач на нашиот универзитет и на нашиот Градежен факултет.

На универзитетот во Бохум се школувале неколку наши кадри од Градежниот факултет, каде што ги завршија своите докторски студии и во тек е менторирање на уште неколку студенти. Со проф. Марк Градежниот факултет подолго соработува и во полето на истражувањето и во полето на високото образование. Тој е професор и на третиот циклус студии на Градежниот факултет и токму затоа денеска ја доби оваа почесна титула Professor Honoris Causa на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со тоа стана член на нашата академска заедница и тоа за нас е голема чест, изјави Ангелова.

На настанот на Градежниот факултет присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска која за одликувањето на проф. Питер Марк рече дека УКИМ се збогатил со уште еден стручњак како почесен доктор. За промовирањето на дипломираните и магистрираните студенти на Градежниот факултет истакна дека е важно од две причини.

Прво, затоа што Градежниот факултет е добро етаблиран во нашето општество, кој произведува исклучително стручни кадри и, второ, во период на градежна експанзија кога Владата презема активности за инфраструктурни проекти во општините, кога склучува историски и стратешки договор со Владата на Велика Британија, овие студенти и постдипломци навистина можат да си го најдат местото во својата држава, да останат и да ја градат и воедно да стекнуваат дополнителни знаења, истакна Јаневска со желби Градежниот факултет и во иднина да создава квалитетен кадар. 

Министерката Јаневска вечерва ќе се обрати и на свечена церемонија на дипломирање на Меѓународниот балкански универзитет и на собирот на алумни со дипломци од изминатите години.

Фото: МИА 

Поврзани вести