
Денес, со почеток во 12:00 часот, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“, ќе се одржи работилница за деца – Исидора Мун.
Омилената другарка на сите мали самовили, вампирчиња и вештерчиња – Исидора Мун е инспирација за новата волшебна работилница! Со ова Скопје ќе се приклучи во одбележувањето на интернационалниот „Исидора Мун ден“. Посетителите на работилницата ќе имаат можност да се дружат со Исидора Мун, да цртаат, бојат, и изработуваат крилја. Исидора ќе поттикне насмевки и ќе ги развесели лицата на сите дечиња кои сакаат Facepaint.
Исидора Мун е половина самовила, половина вампир и целосно уникатна! Препознатлива е по нејзините црни и розови фустанчиња со светки, волшебното стапче со ѕвездичка и магичните крилја, како и по нејзиното најверно пријателче – Розовото Зајаче. Во серијалот од авторката Хариет Мункастер, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, досега има 15 книги посветени на Исидора Мун и три наслови со Мирабела, палавата братучетка на Исидора.
Деновиве од печат излезе најновата книга од популарниот серијал – „Исидора Мун има волшебни сипаници“! Во оваа магична приказна Исидора се соочува со предизвикот на тест по математика, но со помош на волшебните сипаници се надева дека ќе се извлече од него. Сепак, кога работите ќе излезат од контрола, ќе сфати дека понекогаш треба да се соочиш со своите стравови.