Чекавме долго, но промените тргнаа. А кога ќе тргнат, секогаш, не запираат. Со нив следи друго време, поинаков живот и нова надеж. Како кога човек ќе излезе од сообраќајна гужва, хаос полн со насилници што се убедени дека улицата е само нивна и никој ништо не им може… Кога ќе се спаси жива глава, и ќе се излезе на прав пат и чист воздух, пишува Драган Павловиќ Латас во колумна за „Вечер“.

Ако си од тие што гласале за промениве, имаш полно право да се чувствуваш гордо и достоинствено. Победнички. Дека си дел од голема победа. Ако не си меѓу тие, имаш шанса да бидеш за две недели, кога се гласа повторно. Победата е остварена но, ако сакаш промени до крај, да ги видиш брзо и да ги осетиш, битно е за две недели победата да се заокружи. Колку е поголема, толку промените ќе бидат побрзи, и подлабоки. А промените се потребни, како свеж воздух, и како прав пат.

Што видовме на овие избори, и што можеме да очекуваме потоа.

Видовме пораз на една политика која им се огади и на гласачите што гласале некогаш за неа. Им се згади и на фирми што зависат од нивните тендери со поделен профит. Им одмиле и на шпартачите од нивната шарена револуција кои пред свои очи гледаат како донеле на власт Фамилија која е барем дупло полоша од “режимот“, како што тие ја нарекуваа поранешната власт. Поразена е таа политика но, и мафијата која ја одржува власта со која имаат заеднички интереси. Тие се во сојуз кој секој го гледа.

На страна големите теми како НАТО, преговори со ЕУ и ти реков-ми рече муабетите од тој филм. Од тоа не живее обичен гласач, обичен човек. Кој пристоен човек би гласал за политичар кој има повеќе слики со мафијаши отколку со својата фамилија. Кој би гласал за власт чија полиција четири месеци нема пасоши и лични карти за своите граѓани, а издала преку 200 пасоши на нарко дилери од цел регион. За полиција чии припадници ги фаќаат со марихуана во службено возило. Сообраќајци кои се шамарани од нарко дилери по улици, ама затоа од поштен народ собираат харач на секој чекор. Полиција која на камери беше фатена, и на овие избори, како мижи кога власта купува гласови пред нивни очи.

Кој син и ќерка, а особено кој родител, би гласал за власт која укинува семејство, укинува татко и мајка и го заменува со безлични називи родител 1 и родител 2. Власт која забранува учебници, и не помага на родителот да му купи компјутер на детето. Власт која потрошила 16 милијради евра за четири години мандат, а се фали со едно, единствено, изградено школо и тоа во Скопје додека зградата на универзитетот Кирил и Методи пет години стои на ниво карабина, изградена од минатата власт. За тоа време, министерката изгради куќа, изгради и Шилегов, градоначалникот на Скопје две, плус два стана.

Кој би гласал за власт која ја фатија во криминал при набавка на вакцини. Вакцини немаше па 25.000 наши мораа да ги примаат во Србија. Кога вакцините стасаа и тука, после 5 месеци откако сите околу нас почнаа да се вакцинираат, ние имавме 4.000 починати, сега ги имаме 7.000 починати во епидемијата. Најмногу од сите во светот на волку жители! Кој би гласал за власт која граѓаните ги лечи во пластични киосци, контејнери, а во еден од нив изгореа 14 луѓе и никој не одговараше. Со коронава околу 50.000 луѓе поминаа низ државните болници и амбуланти, и од прва рака видоа со каква власт си имаат работа, и зошто кај нас, со оваа власт, се умира така лесно. Здравство без лекови, без амбуланти и болници, без брза помош, без лекари со пристојна плата.

Кој би гласал за власт која земала 4 милијарди евра нови кредити, не задолжила сите нас и државата како ниту една друга власт во Македонија од ’91 до ден денеска, а нема ниту една единствена капитална инвестиција преку која тие пари би се враќале. Затоа, ќе се враќаат од нашите џепови. Ако под капитални инвестиции не се рачунаат 50-те плантажи со марихуана. Сите осиромашуваат, само Фамилијата и нарко дилерите се побогати.

Кој би гласал за власт која изјави дека СЈО и Катица Јанева се нивни најблизок соработник за , после неколку месеци, истата Катица Јанева да биде уапсена за корупција и осудена а СЈО распуштен како корумпирана организација. За премеир кој сам бира и поставува судии, обвинители, судски и обвинителски совет и јавно, на митинг, им порачува на судиите “да судат како што треба, да не мора он да им се јавува по телефон“. Под која власт во Европа од 100 обвиненија 98 се пресудени како вина. Секој од вас се соочува со овој терор, утре и за себе, доколку не е дел од Фамилијата, и не дели профит со нив.

И, да не редам, долга е листата. Во недоглед се причините зошто пристоен човек никогаш не би гласал за оваа власт. Би гласал за промени, затоа што полошо не може да биде, а за подобро веќе постои опција. Од стручни, некомпромитирани и некорумпирани луѓе.

СДСМ загуби на овие избори. По сите основи. Загуби со 50.000 гласа разлика што, доколку изборите беа парламентарни, тоа се 8-9 пратеници повеќе за ВМРО ДПМНЕ. Загуби толку, а требаше и повеќе од ова. Телевизиите се под контрола на власта, и тоа под тотална контрола, но порталите се уште се држат. Можевте да видите видео снимки на кои СДСМ отворено, без никаква задршка, купува гласови низ Скопје, во Куманово, во Охрид, Прилеп, во Битола, во Струмица… насекаде. До толку се осилени што не се ни кријат, а на новинарите од порталите кои ги снимаат им ја кршат опремата и ги шамараат. Полицијата, нормално, гледа и не постапува. Обвинителството е на годишен одмор.

Дури и под такви околности, Заев останува во историјата на СДСМ како најголем губитник. Со освоени 233.000 гласа доживеа поголем пораз и од оној на Шекеринска кога таа ја водеше партијата на парламентарните избори во 2008 година. Лузер. Патем, ова е прв пат на локални избори да загуби партија која е на власт. Тоа е веќе дупли лузер. И не е само Бранко Црвенковски против Заев и ваквата негова политика која се темели на продавање национални интереси, презадолжување на државата и соработка со нарко мафија. Има во СДСМ иљадници кои се свесни дека ова вака не оди. Дека штетата е за сите, а ќарот само за Фамилијата. Дека со ваква политика партијата ковертира нови 10 години опозиција.

СДСМ и Заев го загубија Скопје, и тоа убедливо. ВМРО ДПМНЕ победи во повеќето скопски општини, и тоа во прв круг. Петре Шилегов, манекенот на нарко дилерите, влегува во втор круг со 6.000 гласови помалку од Данела Арсовска. Да не му беа нарко дилерите ќе загубеше од Данела уште во првиот круг. А еве дека е така. Каде освоил Петре Шилегов повеќе гласови од Данела Арсовска: +6.000 гласа за него во Сарај, +7.500 повеќе во Чаир, +2.000 во Шутка… Среќа, Арачиново не гласа за Скопје. И тоа е нарко кругот кој е заштитуван од власта на СДСМ и ДУИ за да испорачува гласови. Од друга страна, Петре Шилегов во првиот круг загубил од Данела Арсовска и во Карпош, каде ни гласачите на СДСМ не гласале за него. Го прочитале Суперхик.

И што сега, што понатаму.

Левица освои околу 50.000 гласови. Помалку од предвидувањата на анкетите но, доволно за да се смета себеси за релевантна партија. Сега, дали опозициона или сателит на власта останува на нив да се покажат. Шанса имаат веќе во вториот круг на изборите. Ако се опозиција ќе гласаат – за опозиција, ако се сателит на власта ќе дремат дома или ќе гласаат за губитниците од СДСМ да го ублажат поразот. Значи, ќе ги видиме на дело.

Гласачите на СДСМ немаат мотив за втор круг. Чувството на пораз е депресивно, и никој не сака по втор пат, за две недели, да ја осети таа депресија повторно. Нивните загубија, голем дел од поранешни гласачи на СДСМ решија да ја сопрат оваа власт на време додека штетата не е уште поголема, и да и помогнат на партијата да почне нова политика.

А нова политика е неопходна, час поскоро, затоа што последиците од оваа ги чувствуваме сите, од која партија и нација да сме. Следат експлозии на цените, пред се на струјата и горивата, а во такви прилики поскапува и се друго. Следат нови откази и губење работни места, веќе од зимава па натаму. Земени се куп кредити, ако се бараат нови тешко ќе ни ги дадат затоа што сме презадолжени без ефиакасна економија. А, ако ни дадат некој нов кредит тој ќе биде со најскапа цена. Затоа, запамтете, не чека и можна инфлација.

Со сите тие предизвици Заев и оваа власт не можат да се справат. Кој не верува, нека се сети како се справуваа со корона епидемијата.

Затоа, Заев треба уште вчера да ја предаде власта на ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ кое, по оваа победа со толкава голема разлика, сосема основано го заслужува тоа. Таа власт на широка коалиција, без СДСМ и Заев, да ја води земјава во кризните месеци што не очекуваат стручно, одговорно, и без корупција. А на пролет да се организираат нови парламентарни избори на кои, и СДСМ, ќе излезе со нова политика која може да конкурира и парира на другите. Без нарко мафијата зад себе.

Може Заев тоа да го направи но, ако е политичар, што тој не е. Дури и да сака нема да му дозволат тие чии бизниси и нарко трансфери зависат од оваа власт. Голем е влогот, а мафијата ваков партнер нема да може да најде наредниве две децении барем. Заев е нивни заложник, и нивни должник па одлуката за оставка не зависи само од него.

Заев ќе падне секако, и тоа наскоро, веќе догодина во најдобар случај за него. Сега ВМРО ДПМНЕ ќе има над 30 општини зад себе, огромна логистика за големи митинзи и протести, стотици иљади луѓе врз кои власта на Заев нема целосна контрола. Ќе падне под сила на отпорот, а тоа е веќе друга ситуација. Заедно со него ќе паднат и нарко мафијата, обвинители и судии кои работеа за него и нарко мафијата, цели полициски постави од истиот негов камп, бизнисмени кои делеа тендери со власта… Ќе биде болно.

Затоа, подобро е тоа да биде сега, и брзо. Да ја преживееме кризата со власт која знае да го направи тоа, и која работи за нас а не за тендери, нарко мафии и трговија со национални интереси за одржување на функција. Со нормална власт.

За нас, на избориве, има втор круг, но Заев може да тера до деветиот круг, оној на Данте.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.