Skip to main content

Премиерот Мицкоски присуствуваше на Светосавската свечена академија

Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Вечерва бев на Светосавската свечена академија, на настан кој со својата духовна и културна димензија не потсетува на трајните вредности што не поврзуваат, информираше премиерот Христијан Мицкоски преку објава на „Фејсбук“.

Денешниот ден посветен на светителот Сава ги истакнува просветата и духовното единство на српскиот народ, вклучително и на граѓаните кои живеат тука во Македонија, но во исто време е еден од камен темелниците на балканското духовно и културно наследство заедно со светлите ликови и датуми на останатите балкански народи.

Тие се нашата заедничка ризница и ние како генерација сме должни да ја негуваме меѓусебната почит и разбирање и на тој начин да ги продлабочуваме заедничките врски како народи.

Тука во Македонија со векови сме живееле токму така, како мозаик од различности, сме соработувале, сме се радувале на убавите работи, и сме тажеле заедно кога било тешко и заедно сме успевале да ги пребродиме сите предизвици. Доволно се делевме и спротивставувавме.

Кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг. Тоа е нашата иднина, иднината на регионот. Ние не сме осудени да живееме еден покрај друг, туку сме судбински врзани да работиме еден за друг, еден со друг, за подобро заедничко утре, истакна Мицкоски.

Поврзани вести