
Справувањето со „белата чума“ е глобален феномен кој не ја одминува ниту Македонија. Проблемот со демографската рецесија, за разлика од други земји каде е тренд, кај нас го вклучи алармот, рече премиерот Христијан Мицкоски и нагласи дека Владата креира политики за справување со него. Во тој контекст, тој наведе дека сериозно се размислува и за воведување дополнителни даноци за немажените и неженетите, што предизвика реакции во јавноста.
– Знаеме дека нема магично решение. Но, има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата, истакна Мицкоски во своето обраќање на настанот порано неделава во Владата на тема „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“.
Во 2024 година во државава се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лица и е природен пад од 4.140 луѓе за само една година.
– Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33.000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024, истакна премиерот.
Во светот ралични семејни политики се применуваат за справување со демографската стагнација, од т.н. „модел на семеен количник“, што се применува во Францускиот даночен систем, т.н. „универзален додаток за деца“ во Италија, до исплаќање „надоместок за мајчинство“ во Русија или „поврат на данок за родителство“ во Сингапур. Израел, пак, како резултат на своите семејни политики може да се пофати со висока вкупна стапка на прираст која изнесува 2,9 деца по жена.
Како државите низ светот се справуваат со „белата чума“
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот го потпиша Законот за даноци и издвојување, кој покрај одредени намалувања на федералната помош за граѓаните, зголемување на трошоците за безбедноста и значителни даночни олеснувања, предвидува и зголемување на додатоците за деца.
Со оваа измена, помошта се зголемува од сегашните 2.000 долари на 2.200 долари за дете на возраст до 17 години. Овој надомест во САД е воведен во 2018 година, за потоа да биде зголемен на 3.000 долари по дете за време на Ковид пандемијата, како времена мерка, по што тој одново е вратен на 2.000 долари.
Зголемувањето на овој надомест доаѓа во време кога вкупната стапка на прираст во САД изнесува во просек под 1,6 деца по жена, па се очекува овој потег да резултира со нејзино зголемување за три до 10 проценти и да им помогне на семејствата да ги остварат сопствените цели за бројот на деца. Според истражувањето на американскиот Институт за семејни студии, оваа мерка би придонела за зголемување на природниот прираст и на населението во САД, а исто така би ги стимулирало и граѓаните да стапуваат во брак, да имаат повеќе деца и со тоа да се создаваат „посилни семејства“.
Но, САД не се единствената земја што презема мерки за справување со „белата чума“, па од почетокот на веков политики за поттикнување на природниот прираст преку финансиски додатоци и даночни олеснувања преземаат десетици држави ширум светот.
Анализата на Институтот за семејни студии покажува дека ваквите политики придонеле за зголемување на прирастот за од 0,09 до 0,18 деца по жена, што укажува дека методологијата „готовина за деца“ функционира. Во просек, зголемената финансиска поддршка за семејствата за околу 0,7 отсто од БДП резултира со раст на стапката на прираст за околу девет проценти.