
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски утре ќе биде разгледан на седница на Влада, по што ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
На утрешната владина седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем. Довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава, информираат од прес-службата на Владата.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Македонија.
Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, се вели во соопштението од МП.
Како што велат од Министерството за правда, државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на првната држава, соопшти на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.