
Предлог-измените на Законот за локална самоуправа попладнево поминаа во прво читање на пленарна седница. Собранието со 61 глас „за“ го усвои заклучокот Предлог-измените да бидат пратени во второ читање.
Со измените меѓу другото се предлага преку референдум отповикување на градоначалник и воведување на т.н. комунална полиција на ниво на општина. Клучните измени се однесуваат на транспаретноста и отчетноста на градоначалниците, советите и службите во општините, а се насочени и кон спречувањето на корупцијата и дигитализацијата на општините услуги.
Од опозицијата оценија дека предложените измени нема да донесат системки промени и забележаа дека измените се носат само неколку месеци пред локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава. Посочија дека очекувале целосно ново законско решение во кое ќе се имплементираат политики од областа на локалната самоуправа.
– Моето мислење е дека ова е добра скапо платена реклама на носење на ова законско решение. Во суштина, доколку го погледнеме законскиот текст, нема да можеме да видиме дека се прават сериозни законски реформи. Се зборува за отповикување на градоначалници, но сметам дека едно вакво решение нема да не доведе во позиција да имаме промена на градоначалник во ниту еден момент. Всушност, 20 проценти од граѓани да покренат инциијатива, значи дека треба вкупно 100 илјади граѓани да се потпишат за да се потпише иницијатива. Ова е невозможна мисија, која не може да се реализира, рече пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.
Додаде дека доколку предложеното законско решение не претрпи одредени корекции, нема да дадат поддршка.
Измените, како што посочи министерот за локална самоуправа Златко Перински на собраниската Комисија за локална самоуправа, се направени низ инклузивен процес, а во изработката билe вклучени домашни и меѓународни експерти.
– Како основа во процесот на креирање на решенијата го земаме извештајот на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2019 година насловен како Извештај за отповикување на градоначалници и локални избрани претставници. Овој документ којшто е усвоен на 65-та седница на Советот за демократски избори и на 119. пленарна сесија на Комисијата претставува релевантен документ со стандарди кои го одразуваат европскиот пристап кон прашањето за локалната демократија. Токму ова е еден од најголемите предизвици на актуелното законско решение, а тоа е отсуството на механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува начин за покренување на постапка за нивна доверба или отповикување пред завршување на нивиот мандат, рече Перински пред членовите на Комисијата за локална самоуправа.