Skip to main content
Одржана меѓународната конференција Дигитализација на креативните сектори во високото образование (DIGITCRESHE)

Потребен е ангажман од од институциите, универзитетите, компаниите и самите студенти за вистински промени во високото образование

Унија на асоцијации во креативните индрустрии

Високото образование сè уште функционира со бавни процеси и недостаток на соодветни закони и подзаконски акти за дигитализација. За да се направи вистински исчекор напред, потребна е интегрирана акција – од институциите, универзитетите, компаниите, па сè до самите студенти. Ова се дел од заклучоците не еднодневната конференција „Дигитализација на креативните сектори во високото образование (DIGITCRESHE)“, која се одржа во просториите на Нетавил во Скопје.

На истата учествуваа повеќе од 20 странски учесници, како и домашни експерти, академици, студенти и професионалци од креативните индустрии.

Во рамки на програмата се одржаа панел дискусии и презентации на креативни лаборатории од универзитети од регионот и ЕУ, каде се говореше за предизвиците и потенцијалите во интеграцијата на дигиталните алатки во образованието, како и потребата од усогласување на наставните програми со реалните барања на пазарот на труд.

Коференцијата ја отворија Радослав Настасијевиќ Варџиски, заменик министер за дигитална трансформација, Министерство за дигитална трансформација и Ахмед Ќазими, раководител на Секторот за високо образование при Министерство за образование и наука, како и претставници од организаторите на настанот – Меѓународниот универзитет „Европа Прима“ и Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје. 

Меѓу главните теми и заклучоци од конференцијата беа истакнати потребите на креативните индустрии, премостување на јазот помеѓу новите технологи во образовниот систем и потребите на вработените и студентите, потоа важноста на користење на дигиталните алатки во високото образование, но да не се заборават и традиционалните пристапи кои се исто така важни за едукација на студентите и нивна подготовка за пазарот на трудот. Дополнително беше заклучено дека вештачката интелигенција е нов збор што треба да се прифати како технологија која поддржува и го поттикнува образовниот процес, а познавањето на истата е важно и за професорите и за студентите во нивните соодветни полиња. 

Во рамките на панел-дискусијата која ја модерираше професор Димитар Јовевски од Економскиот факултет Скопје, беа истакнати неколку препораки и добри практики. Професорот Саша Станишиќ од Универзитетот „Европа Прима“ ја промовираше методологијата „превртена училница“ како ефективна алатка за активна настава. Студентот Петар Новковски од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет повика на ревизија на наставните програми според пазарните потреби.

Професорката Гордана Вренцовска, која е и декан на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, повика Министерството за образование да ги земе предвид практичните потреби на студентите при изработката на новиот закон за високо образование. Станишиќ и Вренцовска потенцираа дека образовните институции и креаторите на политики мора да бидат во чекор со дигитализацијата, да развиваат системски пристап и да ја охрабрат резилиентноста кај младите. Заклучено беше дека студентите имаат глас и идеи кои треба да бидат слушнати и вклучени.

Конференцијата се организираше во рамки на проектот DIGITCRESHE, финансиран преку програмата Еразмус+, кој има за цел подобрување на квалитетот на високото образование во креативните и културните индустрии во земјите од Западен Балкан преку дигитална трансформација и воведување на иновативни наставни методи.

Поврзани вести