Skip to main content

Перински во Кавадарци: Заедно ќе продолжиме да бидеме двигатели на позитивните промени и услови за подобар живот на секој граѓанин

Министерство за локална самоуправа

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Кавадарци, каде оствари средба со градоначалникот Митко Јанчев и со претставници на општинскиот Совет. На средбата дискутираа за приоритетите на локалната самоуправа, како и за предложените измени во Законот за локална самоуправа и нивниот потенцијален бенефит за граѓаните, а ги разгледуваа и тековните проекти и нивната важност за развојот на општината.

По средбата, министерот Перински заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Јанчев, извршија увид на градежните активности за изградба на нов кружен тек на регионалниот пат Росоман – Кавадарци, проект финансиран преку првиот повик на Владата, а беа и во месноста Моклиште, на увид на изградба на водоводна и канализациска мрежа, проект кој Општината го реализира заедно со Министерството за животна средина. Владините претставници посетата на Кавадарци ја искористија и за симболично пуштање во употреба на улицата „8 Септември“, која е целосно реконструирана и асфалтирана на површина од 2.500 метри квадратни, проект финансиран од првиот владин повик, а ја посетија и новоизградената спортска сала во село Сопот, целосна инвестиција на Општината.

Градоначалникот Јанчев изрази голема благодарност на сите владини претставници кои заедно со премиерот Мицкоски го посетија Кавадарци и се заблагодари на безрезервната владина поддршка на Кавадарци, но и на сите општини.

„Благодарни сме што од унгарскиот заем се инвестира во општините за регионален развој, за благородни и добри проекти во интерес на нашите сограѓани“, истакна Јанчев.

Денеска и официјално беше промовиран и Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во населбата Глишиќ, проект кој се реализираше со средства од Министерството за локална самоуправа, Владата на Швајцарија, а финансиски удел имаше и Општината. Овој Центар, на површина од 5.470 метри квадратни, претставува современо решение за хуман третман и грижа за бездомните миленици од сите девет општини во регионот кој ќе придонесе за зголемена безбедност, намалување на штетите и заштита на јавното здравје во Вардарскиот плански регион.

„Благодарам за проактивноста на градоначалникот и учеството на првиот и вториот јавен повик, со проекти кумулативно во вредност од нешто повеќе од 400 милиони денари со што очекуваме еден градежен бум на целата територија на Кавадарци. И ова е само уште еден доказ дека Владата предводена од претседателот Мицкоски е вистински партнер во насока на реализација на инфраструктура која се базира на потребите на граѓаните“, изјави министерот Перински кој информираше дека на вториот владин повик, аплицирале сите 80 општини со 887 проекти, кои генерално се однесуваат во насока на подобрување на патната инфраструктура. Но, како што посочи Перински, има и такви кои се однесуваат за заштита на животната средина, уредување на речни корита, раззеленување на јавни површини, како и за изградба и доградба на градинки и училишта. „Како Влада, презадоволни сме од интересот на општините, од првиот и вториот повик имаме вкупно 1200 проекти, чија вредноста ќе надмине 20 милијарди денари, што е импозантна бројка“, додаде министерот.

Премиерот Мицкоски оцени дека ова ќе резултира со 1200 градилишта во Македонија.

„Тоа е историска, вековна работа и тоа го правиме за идните генерации, но и за денешните кои заслужуваат подобри услови за живот. Добро е кога се гради, многу работи треба да се изградат, завршат, обноват. Тука ја добивме довербата од граѓаните и не смееме по ниту една цена да ја прокоцкаме таа доверба. Ќе дадеме се што е во наша моќ да реализираме повеќе проекти коишто ќе додадат вредност во животот на граѓаните на целата територија на државата, без разлика дали Општината има градоначалник од владината коалиција, од ВМРО, од ВРЕДИ, од ЗНАМ или пак е од опозициската СДСМ или од ДУИ или пак е независен итн.“, категоричен беше премиерот.

Поврзани вести