Skip to main content

Перински: Она што го спроведовме изминатата година беше насочено кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани, остануваме цврсто посветени на нивните потреби и очекувања

Изминатата година, Министерството за локална самоуправа ја потврди својата клучна улога како двигател на рамномерен развој и партнер на секоја општина и секој граѓанин, рече н денешата прес-конференција Златко Перински заблагодарувајќи им се на новинарите за професионалната соработка и континуираната поддршка, особено во делот на навремено, точно и објективно пренесување на информациите во периодот откако ја врши функцијата министер за локална самоуправа

Направивме реална процена на состојбите на терен и увидовме дека на општините им е потребен енергетски поттик за да заживее локалната економија и да се подобри квалитетот на инфраструктурата.

Преку целосна посветеност на Владата преземавме одлучен чекор – започнавме со реални вложувања во инфраструктура и ја поставивме рамката за стратешки, рамномерен развој на државата. Ова е комплексна тема што не зависи само од една институција, туку бара здружени и усогласени напори на повеќе ресори.

Преку Потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините во рамки на двата јавни повици, општините аплицираа со околу 1200 проекти во капитална инфраструктура. Вкупната инвестиција од првиот и вториот јавен повик е околу 20 милијарди денари, што претставува досега најголема распределба на јавни средства за поддршка на локалниот развој.

Во рамки на првиот јавен повик за 2024 година се одобрени за финансирање 288 проекти од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика.

На вториот јавен повик кој заврши на 30 април 2025 година, пристигнаа 887 проектни апликации од 80 општини, за кои заврши фазата на евалуација. Овој исклучително голем одзив претставува јасен показател за високата заинтересираност на општините за инвестициски проекти и потврда дека одлуката на Владата за спроведување на оваа мерка е навремена, стратешки исправна и одговара на реалните потреби на општините. Дополнително, можам да споделам дека се одобрени за финансирање вкупно 829 проекти во вредност од 13.868.138.877 денари.

Понатаму, преку Програмата за рамномерен регионален развој, во 2024 и 2025 година беа одобрени за финансирање 176 проекти насочени кон унапредување на развојот на планските региони, селата и урбаните подрачја, како и подрачјата со специфични развојни потреби.

Преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година, се поддржани за финансирање 38 проекти во вкупна вредност од 87.925.000 денари.

Во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, завршија со имплементација 10 регионални проекти во сите плански региони. Преку активностите на дел од овие проекти ја реконструиравме специјализираната болница за нефрологија во Струга, опремивме современ центар за физикална терапија во болницата Св. Еразмо, имплементиравме проект за заштита и превенција од пожари во микрорегионот, Општини Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце и би го споменал и проектот реконструкција и адаптација на Дом за стари лица, Берово.

Во континуитет ја поддржуваме дигитализацијата на општинските услуги. Како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, се реализираат активности во координација со Министерството за дигитална трансформација, со цел развој на целосен „патоказ“ за дигитализација на локалните услуги и изработка на каталог на Е-услуги за вклучување во националниот портал uslugi.gov.mk.

Министерството за локална самоуправа во соработка со општините имплементира проекти финансирани од страна на Делегацијата на ЕУ со цел да придонесе за локален економски и социјален развој. Осумте проекти се во завршна фаза на имплементација, со вкупна вредност од 336.762.274 денари.

Дел од проектите од оваа програма се: Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово, Чист Аеродром – Нула цврст отпад во Општина Аеродром, Општина Охрид станува зелена, паметна, иновативна и Струмица – Паметен велосипедски град.

Министерството го финализираше текстот на Закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, преку отворена и транспарентна постапка. Предложените измени се во согласност со европските стандарди и се базираат на Извештајот на Венецијанската комисија од 2019 година, особено во делот на локалната демократија преку можност за отповикување на градоначалник.

Министерството работи активно и на формирање Ресурсен центар за поддршка на општините. Изготвена е физибилити студија, а фокусот е ставен на зајакнување на општинските административни капацитети, поддршка во проектен менаџмент и забрзување на дигиталната трансформација. Концептот за Ресурсен центар е усвоен од страна на Владата и се предвидени 5.000.000 денари во Програмата за децентрализација од буџетот на министерството.

Во рамки на претпристапниот финансиски инструмент ИПА, Министерството за локална самоуправа го координира процесот на програмирање и имплементација на Програмите за прекугранична соработка со земјите соседи.

Преку ИПА 3 инструментот за прекугранична соработка, се постигнуваат значајни резултати кои имаат директно влијание во поддршка на одржлив развој и зајакнување на добрососедските односи. Активни се програмите со пет соседни земји, Република Грција, Република Бугарија, Република Србија, Република Албанија и Косово. Особено би ги издвоил два проекти кои имаат стратешко значење:

Изградбата на граничниот премин Клепало (Берово – Струмјани) – проект којшто ќе придонесе кон економски развој на источниот регион преку олеснета трговија и туризам;

Воспоставувањето на граничниот премин Маркова Нога (Преспа) – иницијатива што ќе ја подобри комуникацијата со Република Грција, ќе го поттикне туризмот и ќе го олесни пристапот на локалното население од Преспанскиот регион.

Она што го спроведовме изминатата година беше насочено кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани, при што остануваме цврсто посветени на нивните потреби и очекувања, рече Перински.

Поврзани вести