
Граѓаните се лојални кон системот само во оној момент кога се сигурни дека системот работи за нивните потреби, оценува министерот за локална самоуправа Златко Перински во „Наткаст“ на Љупчо Цветановски, прашан за коментар за девијантните однесувања на кои сме сведоци изминатиов период.
-Во изминатите 7-8 години ние имавме примери каде „Бентли“ со 200 км/ч ни возеше на плоштад. Имавме примери кои што овозможија да ја навредуваат интелигенцијата на Македонецот на дневна основа. Се креираа и мултиплицираа богаташи кои немаат еден ден работен стаж и тие требаше да бидат “рол-модел“ за ова општество. И сега ние одеднаш ставаме прст на чело и велиме „еј, од каде излегоа овие девијантни појави“. Чекајте бе луѓе, кого сте казниле? Што добро сте направиле за оваа држава? Срам ми е да ги споделам сите примери, имам нагон на повраќање кога ќе ми текне на тие времиња, рече Перински.
Министерот посочи дека треба да има системски долгорочни решенија.
-Ние мораме да сфатиме, како граѓани и како народ, ако сакаме да си ја сакаме оваа држава. Ако сакаме чисто онака да бидеме резистентни на се, тогаш ова е максимумот, повеќе од ова нема. Мораме да сфатиме дека лојалноста на државата е во корелација со лојалноста на граѓанинот. Не може државата и системот да не одговара на потребите на граѓанинот, а да очекува дека граѓанинот ќе биде лојален на државата. Не оди таа работа. И затоа велиме ние дека ќе ги направиме сите потребни законски измени, ова да го ставиме во систем, градоначалниците да имаат механизам да си ги превенираат пред се девијантните однесувања. Не само на малолетници, тука ние не ги категоризираме луѓето. Барањето од општина Центар беше да се инкорпорираат и малолетниците во законот за прекршоци, во делот на општокорисната работа, која морам да потенцирам дека веќе е препознаена во законот. Ние треба да најдеме решение за сите категории на граѓани и тоа и го правиме, рече Перински.
Локалната самоуправа може да придонесе во насока на зголемување и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и тоа и го прави.
-Преку мерките кои што ги даваме како Влада, тоа се првиот јавен повик од минатата година и втор јавен повик кој во моментов е актуелен, ние даваме средства врз основа на проекти кои самите локални самоуправи ни ги доставуваат. Значи не им наложуваме ние што да прават туку врз основа на нивните потреби, за на тој начин да овозможиме да се подигне квалитетот на живот во рамки на нивните средини. Сведоци сме на рекорден број испишани казни за несовесни возачи. Што тоа ни кажува? Дека до сега никој не преземал ништо за да ги надмине овие состојби. Значи ние сме најголеми Европјани ама само кога сме во некоја странска држава, а кога сме кај нас во Македонија летаат пикавци на сите страни, фрламе кај ќе стигнеме. Зошто? Затоа што нема кој да превенира, нема кој да казни. Репресивната политика никогаш не е омилена за власта, ама стигнати сме на тоа дереџе да не можеме подолу. Мораме да правиме нешто, мораме да менуваме нешто. И јас јавно сакам да го пофалам мојот колега Панче, министерот за внатрешни работи. Ова што во моментов го прави и овие реформи кои ги предвидува, кои 10 години наназад можеле да се спроведат и реализираат, за многу кратко време ќе бидат визибилни, ќе бидат спроведливи. Кога ќе ви стигне СМС со пусулче од 50-100 евра дека треба да го платите во рок од 3-5 дена, следниот пат ќе размислите дали ќе возите без појас, 200 км\ч, дали ќе фрлите пикавец, рече Перински.