
Шестгодишната ЕУ-финансирана програма „ЕУ за општините“ (EU4M) денеска беше заокружена со доделување признанија за општинска извонредност за постигнувања на општини и региони во управување со проекти финансирани од ЕУ, зголемување на приходи, финансиско управување, прекугранична соработка, отпорност, развој на туризам и зајакнување на административните капацитети.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински истакна дека резултатите постигнати преку програмата „ЕУ за општините“ се видливи, мерливи и од исклучително значење за локалните заедници ширум државата.
Европската Унија е наш стратешки партнер, а фондовите што се ставаат на располагање имаат клучна улога во унапредувањето на националните и локалните политики, како и во подобрувањето на услугите кон граѓаните. Само преку заеднички пристап, силно партнерство и усогласено делување можеме да изградиме функционален, ефикасен и одржлив систем – систем каков што граѓаните навистина го заслужуваат – оцени Перински.
Тој порача дека интеграцијата во Европската Унија не е само политичка цел, туку претставува процес на темелни реформи, сериозна посветеност и системска работа во креирањето политики за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
Според Перински, поддршката за општините е поставена на постаојани инвестиции во капитални проекти, зајакнување на финансиската стабилност преку унапредување и ажурирање на базите на даночни обврзници, како и обезбедување стручна и техничка поддршка преку Ресурсниот центар за општините. Веќе се дефинирани и приоритетите за дигитализација и започнат е процесот на подготовка и имплементација на првите унифицирани општински електронски услуги.
Во првата фаза предвидена е дигитализација на следните четири услуги: потврда за правен статус на објект, согласност за користење на јавни и зелени површини, согласност за приклучување на комунална инфраструктура, и извод од детален урбанистички план.
Сите општински услуги – како оние што веќе се развиени, така и оние што допрва се дигитализираат – ќе бидат достапни преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk – рече Перински.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, ја нагласи важноста за рамномерен регионален развој, како клучен предуслов за долгорочен економски раст и стабилност. Развојот, посочи, не треба да биде концентиран само во неколку центри туку рамномерно да ги вкучува сите региони во државата со што ќе се создадат нови можности за локалните заедници. Во таа насока Министерството за култура и туризам заедно со Владата и Советот за туризам започнале активности за изработка на национална стратегија за туризам во која значајно место ќе имаат дестинацискиот менаџмент и туристичкиот развој на општините.
Нашата цел е да изградиме системски пристап кој ќе овозможи одржлив, координиран и конкурентен туристичлки сектор, рече Љутков, истакнувајќи ги признанијата за општините Росоман, Гевгелија, Кавадарци и Едеса од Грција, кои, посочи, покажаа лидерство, инцијатива и способност да работат заедно со заедничка цел – унапредување на регионот како атрактивна туристичка дестинација.
Љутков истакна дека локалниот развој е клучот на националниот напредок, оценувајќи дека посветеноста и иновативноста на општините се двигател за унапредување на туристичката понуда и за позиционирање на нашата земја како атрактивна конкурентна дестинација.
Според амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, програмата ЕУ за општините е многу успешен проект и оти резултатите преку поддршката за општините покажуваат дека ЕУ е доверлив партнер.
Во изминатите шест години преку програмата се поддржани сите 81 општина, промовирајќи градење капацитети – посочи Рокас.
Укажа дека при посетата на неколку општини во изминатиот период увидел оти општинските тимови работат посветено на ефикасност на општинските услуги но оти останува уште работа за подобрување на состојбите. Ја нагласи и финансиската поддршка од ЕУ за прекугранична и меѓурегионална регионална соработка.
Министeрот за европски прашања, Беким Сали, пак, потенцираше дека не се интегрира само Владата во ЕУ, туку дека граѓаните преку општините треба да го почувствуават целиот процес.
Преку шестгодишниот проект се реализирани обуки за 1400 вработени во општинските администрации за зајакнување на општинските капацитети за привлекување инвестиции преку програмите на ЕУ – рече Сали.
Како резултат на програмата, 274 ЕУ-финансирани Интеррег проекти вклучуваат партнери од општини и плански региони од државава, а обезбедена е и поддршка и за 88 прекугранични проекти со соседните земји.(МИА)

Македонски




