
Општина Куманово во соработка со Регионалната занаетчиска комора за првпат организира „Осмомартовски саем“, манифестација која ќе трае до 10 март на градскиот плоштад „Нова Југославија“. Настанот е дел од активностите по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март и има за цел да ја афирмира улогата на жените во општеството, но и да обезбеди поддршка за локалните занаетчии, производители и мали бизниси. Според организаторите, саемот нуди продажба на различни ракотворби, цвеќе, креативни изработки и други локални производи, со посебен акцент на женското претприемништво.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека станува збор за новитет во градот, реализиран во соработка со Занаетчиската комора.
За првпат во соработка на Општина Куманово со Комората на занаетчиите организираме осмомартовски пазар на градскиот плоштад. Проектот е финансиски поддржан од Општината и во пресрет на Меѓународниот ден на жените ќе трае до 10 март. На базарот ќе се продаваат различни производи, претежно ракотворби, кои ќе им бидат понудени на нашите граѓани“, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека покрај продажниот дел, манифестацијата има и симболичен карактер, со одбележување на празникот и внимание кон жените во градот.

Заедно со претставници од Занаетчиската комора, општинската администрација и Советот на Општина Куманово, ќе врачиме скромни подароци, по еден цвет на сите дами што ќе ги сретнеме на плоштадот. Посакувам секој ден во нашиот град да биде како што е овој денеска“, додаде градоначалникот, честитајќи го 8 Март на сите жени во Куманово и во државата. Организацијата на манифестацијата е дел од програмата на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање и локален економски развој (ЛЕР) на Општина Куманово.
Во рамки на саемот, Општината и Занаетчиската комора објавија јавен повик за заинтересирани правни и физички лица за изнајмување продажни штандови. Целта е да се создаде пријатна атмосфера во духот на празникот преку изложување на локални производи и креативни изработки.

Корисниците на штандовите се должни да го одржуваат редот и хигиената на просторот и да ги почитуваат сите законски прописи. Во случај на непочитување на правилата, организаторот го задржува правото да го ограничи или суспендира користењето на штандот.

Со организирањето на „Осмомартовскиот саем“, локалната самоуправа се обидува да создаде платформа за промоција на креативноста, традиционалните занаети и малите бизниси, особено оние водени од жени. Ваквите настани, според организаторите, претставуваат можност за директна промоција и продажба на производи, но и за поттикнување на локалната економија и културниот живот во градот.

Македонски

