Skip to main content

Oдложена седницата на Уставниот суд за Законот за јазици поради разрешената судијка Дуковска

Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судијка на Уставниот суд, оценувајќи дека постапката за нејзиниот избор била спроведена спротивно на законските критериуми и принципите на еднаквост и транспарентност. Одлуката предизвика реакции во јавноста и правосудните институции, при што Уставниот суд предупреди на создавање правен преседан и ја одложи подготвителната седница за Законот за јазиците, а министерот за правда Игор Филков, истакна дека Судскиот совет мора да ја повтори постапката.

foto MIA

Според пресудата, Судскиот совет донел одлука за избор без целосно разгледување на сите предложени кандидати, што резултирало со нееднаков третман и повреда на законската процедура. Судот утврди дека членовите на Советот не располагале со доволно материјали и податоци за кандидатите, што ги оневозможило да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.

Во конкретниот случај, членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат – Елизабета Дуковска, судијка на Апелациониот суд Скопје. Останатите два предлога, за кандидатките Т.С. од Апелациониот суд Битола и А.Д. од Основниот граѓански суд Скопје, биле целосно игнорирани. 

Од увидот во записникот од седницата неспорно произлегува дека по излагањето на биографиите од страна на нивните предлагачи, членовите на Советот се согласиле да гласаат по редоследот на дадените предлози, но потоа се пристапило кон гласање само за првиот предлог. Гласањето за вториот и третиот кандидат било прескокнато, по што првиот предлог бил усвоен и утврден како предлог за избор на уставен судија.

Судот оценил дека со ваквиот начин на постапување е повредено начелото на еднаквост, бидејќи само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, додека другите двајца биле лишени од ист третман и еднакви можности. 

Дополнително, ваквиот пристап го нарушува и мерит системот, бидејќи не била овозможена реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем. Со тоа, според судот, е дерогирана законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција.

Поради ова, Управниот суд ја прифати тужбата поднесена од Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет и воедно била и една од кандидатките за уставен судија. Судот наложи повторно постапување согласно законските критериуми, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет. 

Уставниот суд ја одложи подготвителната седница за Законот за јазици

Уставниот суд, иако не ја коментираше пресудата на Управниот суд, во своето соопштение вчера истакна дека постапувањето на Судскиот совет, Собранието и управните судови довело до создавање правен преседан со кој досега ниту еден состав на Судот не се соочил. Судот предупреди дека таквиот преседан има значајни правни импликации врз неговото понатамошно постапување.

Уставниот суд оформил предмет по иницијатива на политичката партија Левица во кој оспорена е Одлуката за разрешување на членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието

-Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Македонија. Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности, стои во соопштението од Уставен.

Во соопштението се додава дека поради новонастанатата ситуација, Судот донел одлука да ја одложи подготвителната седница за предметот поврзан со Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, бидејќи судијката Дуковска беше известител на овој предмет. Дополнително, Судот донел заклучок дека постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав. 

Уставниот суд воедно потсети дека, согласно член 112 став 2 од Уставот, неговите одлуки се конечни и извршни и нема да ги преиспитува по службена должност одлуките во кои учествувал судијата опфатен со пресудата.

Поврзани вести